Драмата за Првата светска војна „На запад ништо ново“ беше голем победник на наградите на Британската академија за филм (БАФТА) триумфирајќи во седум различни категории, меѓу кои и онаа за најдобар филм.
Филмот освои и награди за најдобра режија, за режисерот Едвард Бергер, најдобро адаптирано сценарио, најдобра кинематографија, најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, најдобра музика и најдобри звучни ефекти.
Со седумте освоени награди овој филм го сруши рекордот на БАФТА за најмногу награди од филм кој не е на англиски јазик.
„На запад ништо ново“ е адаптација на романот од 1982 година на Ерих Марија Ремарк. Во говорот по примањето на наградата режисерот Бергер рече дека филмаџиите „растат со одговорност да ја раскажат приказната“. Тој исто така оддаде почит за оние кои се борат во Украина.
Помеѓу останатите победници на синоќешната церемонија беше и „Баншите на Инишерин“ кој победи во категориите за најдобар британски филм, најдобро оригинално сценарио, најдобра споредна актерка за Кери Кондон и најдобар спореден актер за Бери Киген. Четири награди освои и „Елвис“, за најдобар актер – Остин Батлер, како и за најдобра костимографија, кастинг и шминка.
За најдобра актерка беше прогласена Кејт Бланшет, за нејзината улога на диригентка во филмот „Тар“. „Навални“ победи во категоријата за најдобар документарец, додека „Пинокио“ на Гиљермо Дел Торо беше прогласен за најдобар анимиран филм.
Целосната листа на добитниците на БАФТА наградата, која вообичаено се смета како најдобар показател за тоа каде ќе завршат Оскарите, може да ја погледнете на следниов ЛИНК.