Изминатава година пандемијата со Ковид-19 го смени начинот на дејствување на младите, но сепак, бараа начини да бидат ангажирани и иновативни. Истовремено, предизвик беше да одржат напредна мисла и ментално здравје, да се адаптираат и организираат за идните активности во 2021 година.
Во емисијата „НаЧас“, Елена Данова од Здружението „Еквалис“ вели дека младите чувствале стегнатост и малку слобода. Но, истовремено, имало многу креативност.
„Сведочев на неверојатни креативни решенија што младите ги нудеа во секој можен аспект. Од тоа како да се помине слободното време и со што да се замени дотогаш неформалното дружење и социјализацијата, до тоа како да се остане продуктивен и да се задржи она чувство на исполнетост“, потенцира Данова во „НаЧас“.
Од друга страна, во поглед на младинското здружување и активизмот, вели таа, за жал не видовме многу млади на улиците. Па, истовремено, иницијативите беа пренесени во виртуелниот простор и оттаму делуваа кон решавање на проблеми и создавање притисок кон донесувачите на одлуки.
Забележува дека откако почна пандемијата исчезнаа младинските простори и центри кои функционираа како отворени катчиња каде младите можат да поминат и потрошат дел од денот. Оттука, ова е можеби најголемиот предизвик во младинската работа.
„Предизвикот е енормен како да најдеме начин, сепак, да овозможиме неформално време каде младите ќе се чувствуваат безбедни. Младинските центри или младински катчиња, не се само места каде ќе дојдат и ќе се дружат. Тоа е она што го гледаме на површина. Многу млади во нашето општество се соочуваат со предизвици со менталното здравје, но, поради стигматизацијата и разни околности, не секогаш имаат начини како да посегнат по решенија и соодветна поддршка, па многу често младинските центри доаѓаат како безбедно место каде ќе побараат насока“, нагласува таа, додавајќи дека млади се соочуваат и со семејно насилство, како сведоци или жртви, но многу малку го пријавуваат.
Оттука „Еквалис“, додава таа, имале и кампања „Ај да си зборуваме“. „Сакавме дополнително да им порачаме дека тука сме, на социјалните мрежи, иако не сме во физичкиот простор и не можеме да се сретнуваме физички“, нагласува Данова.
Истакнува дека годинава беше предизвик и за движењето од кое и самата е дел – Fridays for future (Петоци за иднината).
„Но, она што многу ми се допаѓа, на почетокот на годината, кога излезе пандемијата и првите полициски часови, македонскиот огранок на Петоци за иднината правеше дискусии, интервјуа и некој вид дебати, кои ги правевме на ЗУМ и ги стримавме во живо на Фејсбук. Почнавме да се дигитализираме. Ова овозможи помалите гранки од државата активно да се влучат во движењето на ниво на држава“, потенцира таа.
Во поглед на јавните простори за активизам, Данова зборува и како властите преместија нивен протест спроти Владата, а не пред самата Влада, каде беше планиран. Смета дека е опасно да се демотивираат младите и одвраќаат во нивната желба за активно граѓанство и политичко дејствување.
„Тие млади луѓе денеска критички се настроени кон овој проблем, но, утре општеството ќе има потреба од критична маса која е критички настроена кон друг проблем“, потенцира таа.
Мартина Петреска од Младинскиот културен центар зборува дека на крајот од годинава направиле годишен отчет, со реализирани 389 настани и повеќе од 25.000 публика.
„Оваа година бевме изгубени првиот месец и не знаевме што ќе се случи. Но ‘стегнавме заби’ и се одлучивме да склопиме и почнеме некаква програма заедно со другите културни центри. Бидејќи, реално, во текот на карантинот сите се навративме некако на културата. Сите гледавме филмови, или читавме книги, слушавме музика. Така да, склопивме програма што ќе се реализира во овие ужасни услови“, објаснува Петреска.
Раскажува за проектот „Култура во време на корона“, „МакеДокс“, фестивалите, за изложбите, за сите настани што морале да ги тераат под протоколи. Исто така, формирано беше и Здружение на културни промотери. Преку него апелираа до властите за олабавување на мерките за да прават настани надвор, во периодот кога времето затопли.
„Почнавме настани на отворено, за првично да опипаме ситуација, размислувавме како публиката ќе реагира на целиот момент и имавме позитивен одзив. Нудевме програма која беше целосно изработена по протокол и беше програма на која можеш да дојдеш, да уживаш, без да се плашиш дека ќе се разболиш“, нагласува Петреска.
МКЦ почнаа да ги префрлаат концертите онлајн. Кога помина летниот период и залади, имале понуда од „Кино Шишка“ од Љубљана, иницирана заедно со културни центри од регионот. Целта беше да се создаде мрежа преку која ќе функционираат и ќе ги промовираат нашите уметници и артистите од секоја земја.
Стартуваа како „Шишка виа МКЦ“, па го прекрстија во „Крос-стрим“. Пример, по еден артист од земјава, еден од Словенија, па вечерта беа „натпревари“ прикажувани во живо преку социјалните мрежи. Истовремно, публиката во живо преку ЗУМ имаше шанса да следи концерт од „прв ред“ преку специјално поставени камери.
„Бендот имаше можност да има ‘виртуелна публика’, со тоа што ја проектиравме публиката на платно. Тоа беше многу чудно искуство. Стримот оди, единствените луѓе се техника и вработените на МКЦ. На луѓето (бендовите) им беше многу чудно, исто како да свират на проба, истовремено има публика, и нема публика. Доста луѓе научија, да си ги ценат фановите уште повеќе. Од целава пандемија излезе нешто многу подобро што ќе го цениме“, забележува Петреска.
Го смениле и начинот на размислување и формирање на понудата. Дури и „Синедејс“ планираат да го преместат во летен период, бидејќи многу добро пројде годинава со кино на отворено низ цело Скопје. Посочува дека сите се адаптирале, со мисла за иднината. Оттука МОТ, кој се одржа во хибридно издание – онлајн и офлајн, го реализирале под мотото „Ќе има и утре“.
„Тоа ни беше најглавната цел. Да дадеме надеж на луѓето дека навистина ќе има и утре. Дека не е само ова што се случува сега“, вели таа.
Орхан Багашов, средношколецот иноватор што е дел од тимот „eBionics“, нагласува дека претходнава и оваа година работел на роботски раце, а потоа и на бионички раце. Тоа се електронски протези за лица со недостаток на горен екстремитет.
„Се трудиме да ја направиме најевтината бионичка рака, па секој да може да си ја дозволи во земјите што се’ уште се развиваат. За лицата што имаат недостаток на горен екстремитет, посебно недостаток на подлактица, со помош на бионичката рака можат многу полесно да ги извршуваат секојдневните работи“, потенцира тој.
Од една страна, вели Багашов, пандемијата му помогнала да се фокусира на она што го работи. Имале време да најдат нови хобиа, да работат на нив, посебно на почетокот на памдемијата.
„Од друга страна, тимската работа не е иста кога се работи онлајн. Многу е полесно кога сите сме на едно место, полесно добиваме креативни и иновативни идеи. Тој дел недостасуваше“, забележува Багашов.
Околу темата за менталното здравје, Багашов вели дека станува тешко. Моментално важат протоколи со кои локалите не работат после 18 часот, недостасува театар, а концертите одат онлајн. Мислел дека најтешко ќе биде на почеток, додека се навикнат, но тогаш му било најлесниот период да биде продуктивен.
„Не можев да се сконцентриран на тоа што го работам. Малце сум екстроверт и не ми годеше целава ситуација. Уште имам проблем. Многу нагло ми дојде целава пандемија, бидејќи претходно цело време бев надвор, на разни активности, претстави и сл. Одеднаш дома… Највеќе ми недостига дружењето надвор, со други луѓе и друштво. Исто така и театарски претстави, зашто глумам во претстави, значи целиот претходен живот. Она што научив од пандемијата е да живеам малку сам со себе“, вели Багашов.
Додава дека кога ќе помине целава ситуација, многу повеќе ќе научи да го цени времето што го поминува со други луѓе. Исто како и средношколец, многу повеќе ќе го цени училиштето.
Бојан Шашевски