#НаЧас: Реформи, предизвици, очекувања – Образование 2018

Најави за реформи, ревизии, нови закони, во новата година се очекуваат бројни промени во образованието. Надлежните ветуваат и скратени наставни програми, па и помалку семестри, а буџетот нуди се помалку пари за наука, но затоа се двојат финансии за уште еден универзитет, со програми кои веќе ги има на постоечките. Колку вреди македонската диплома додека македонското образование тоне надолу, кој одлучува кои реформи се приоритет и како е се мерат резултатите од најавените реформи?

На темата „ Реформи, предизвици, очекувања – Образование 2018“, во десетата „На час“ – дискусии за подобро образование утре во 13 часот, разговараме со универзитетската професорка Маја Стевановиќ, професорот од гимназијата „Орце Николов“ Душко Стојановски и Ана Мицковска-Ралева, од Центарот за истражување и креирање политики – ЦРПМ.

Дискусиите „На час“ – за подобро образование се емитуваат секој четврток, во 13 часот, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки на Твитер активен е и хаштагот #НаЧас. Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието.

Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.

Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.