Од понеделник започнува новата учебна година, но малку работи се променети за обезбедување поквалитетен образовен процес, беа дел од заклучоците на дискусијата #НаЧас во која се дебатираше за состојбите во основното и средното образование.
Наставничката во скопското основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“, Валентина Мишкова – Кенкова, која е и генерален секретар на Независниот синдикат на образование и наука, вели дека не верува дека оваа година ќе се спроведат големите најави од Владата за реформи во образованието. Покрај лошите услови во училиштата, таа вели дека е слаба и мотивираноста на наставниците.
„Се уште работиме под притисок. 90 отсто од вработените во училиштето каде што работам е со кредити. Нашата плата треба да стигне до 15-ти, а најчесто стигнува по 20-ти во месеците. Наставниците вложуваат средства, или ги тераат учениците сами да обезбедат тоа што им е неопходно. Кога ќе доде инспекција не прашува колку децата научиле, туку ги интересираат документите. Креативноста на наставникот се губи од старт“, објасни Мишкова – Кенкова.
„Нема услови за работа. Од наши пари купуваме хартија, сами печатиме програми. Општините не го обезбедуваат тоа. Децата дури сами купуваат сапун и хартија за да си ги мијат рацете“, додаде таа.
Средношколката Бисера Шегмановиќ објасни дека училишниот мебел останува стар, учебниците со лош квалитет, а недостасува практична настава и дискусија на часовите.
„Сите ја префрлаат вината врз средношколците, но ако сакаме тие да бидат нашата идниа ќе мора да има мотивација од професорите, директорот, училишниот одбор и сите ограни. Мора да ни даваат желба и да не разбираат, да ги прифаќаат нашите идеи“, рече Шегмановиќ на дискусијата.
Сузана Киранџиска од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по Чекор“ смета дека македонското образование не смее да дозволува учениците да учат напамет, туку да дискутираат на теми и да донесуваат заклучоци.
„На децата треба да им дозволиме да се изразуваат, со интерактивни стратегии, тогаш ќе имаме деца кои ќе научат како да размислуваат. Ние често ги прашуваме децата да одговараат на фактографски прашања. Тоа почнува од основно образование, па до факултет“, рече Киранџиска.
Новиот заменик министер за образование, Петар Атанасов, кој пред само два дена беше именуван од Собранието на функцијата, го спореди образовниот процес со запрен мотор кој се трудат да го стартуваат.
„Мора да имаме систем за да ја завршиме работата, но сега не можеме да го запалиме моторот бидејќи со години бил уназадуван. Главниот проблем е што една школска година е премалку да се смени пресложен систем. Јас ќе се обидувам сите храбри идеи и цели што се зацртани да се остварат“, рече Атанасов додавајќи дека за сериозни реформи ќе бидат потребни поголеми вложувања од буџетот за што ќе се залага како дел од Владата.
Даниел Евросимоски