Списанието Национална Географија вчера објави дека Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, е најдобрата дестинација во светот според изборот на читателите, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Со вековна историја вткаена во неговата природна убавина, не е ни чудо што овој космополитски главен град е толку сакан. Планирајте посета за да пробате што нудат локалните пазари, прошетајте по реката Миљачка и уживајте во прекрасните сцени што овој град може да ги понуди“, стои под објавата на Национална Географија.
View this post on Instagram
Бењамина Кариќ, градоначалничката на Сараево на Фејсбук им посака добредојде на сите гости од целиот свет.
„Драги мои сограѓани, како и секогаш да бидеме најдобри домаќини и со раширени раце да ги пречекаме гостите од целиот свет! Кој еднаш ќе се напие од вода од Башчаршија… Повелете!“, порача таа.
Градови како Хо Ши Мин Сити (Виетнам), Њу Орлеанс (САД), Бодрум (Турција) и Куско (Перу) беа во конкуренција како финалисти на овие избори.