Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство изрази длабоко несогласување и загриженост за предложените измени на Законот за полиција, кои, како што велат, значат чекор назад во заштитата на жртвите на семејно и други форми на насилство врз жени.
Овие измени, според нив, воведуваат несигурност и дополнителни бариери кои сериозно ја влошуваат безбедноста на жртвите.
„Со важечкиот закон на полициски службеник кој сторил семејно насилство оружјето ќе му се одземе штом ќе се добие известување од надлежниот центар за социјална работа и одземањето трае се до правосилно завршување на судската постапка која се води против тој службеник. Меѓутоа, со изменетиот член 31 од предлог законот, ја дерогира оваа можност и предвидува спроведување на цела постапка од внатрешната контрола при МВР, која потоа дава мислење дали треба на полицискиот службеник да му се одземе оружјето. Ваква предложената измена на овој член е во спротивност со Истанбулската Конвенција и со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и доколку би се усвоила како таква би ги довела во прашање спроведувањето на привремените мерки за заштита на жртвите на овие форми на насилство. Исто така со овие измени се брише членот 31-а со кој што раководителот на организациската единица беше обврзан да го упати на задолжителен психолошки и психијатриски преглед полицискиот службеник кој е обвинет за кривично дело или прекршок со елементи на насилство или за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство и со кој се обврзува наодот од таквиот преглед да се достави до Министерството за внатрешни работи“, стои во реакцијата на Националната мрежа.
Усвојувањето на овие измени, според Националната мрежа ќе ги остави жртвите на родово базирано и семејно насилство незаштитени и го зголемува ризикот од ескалација на насилството од страна на сторителот. Доколку се усвојат овие измени, оттаму посочуваат дека недовербата која жртвите ја имаат кон институциите само ќе се зголеми, особено кога насилникот е дел од полицискиот систем.
Оттука, тие категорично се спротиставија на предложените измени на Законот за полиција и побараа нивно итно повлекување, со цел, како што велат, да се осигура дека законот навистина ќе биде во служба на заштитата на сите граѓани, особено на најранливите.
Истовремено, тие објавија и поопширно правно мислење кон реакцијата на предложените измени на Законот за полиција кое може да се погледне на следниов ЛИНК.