На последното собрание на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) кое се одржа од 26 до 28 јуни, присутните делегати го избраа својот нов Претседател, Управен и Надзорен одбор и дискутираа за програмата за работа, позициите на Советот и поднесената апликација за членство на Советот и Македонија во Европскиот младински форум, информираат од НМСМ.
Делегатите на присутните организации за свој нов претседател го избраа Дамјан Николовски од AEGEE, а Јане Плавевски од Сојуз на извидници на Македонија за Потпретседател на НМСМ. Останатите членови на Управниот одбор се: Иван Јованов (Младите можат), Симона Сарделиќ (МОДОМ), Сибел Бајрам (Сумнал), Арлинда Илјази (Мултикултура) и Александра Живковиќ (Младински образовен форум).
Досега, оваа улога ја вршеа: Ивана Давидовска (Центар за меѓукултурен дијалог) како претседател, Дона Костуранова – (Младински образовен форум) како потпретседател заедно со членовите: Иван Јованов (Младите можат), Антонио Јовановски (Гоѕ Грин), Горан Ѓорѓиев (Сојуз на извидници), Арбен Ристеми (Центар за развој на заедницата – Кичево и Даниел Калаџиески (Х.Е.Р.А.).
За прв пат Собранието на Советот избра свој Надзорен одбор, во состав: Весна Илиевска (Cre8ive8), Дона Џамбаска (Фонданција Метаморфозис), Ивана Давидовска (Центар за меѓукултурен дијалог), Мартина Блажеска (Обединета младина за Македонија) и Соња Николовска (ЛиДеМ).
„Една од најзначајните работи за диверзитетот и инклузивноста во НМСМ е што Советот се прошири со три нови организации членки (КХАМ – Делчево, Романо Авази и Центар за младински активизам КРИК). Со тоа, НМСМ сега го сочинуваат вкупно 60 младински организации, организации за млади, политички подмладоци и сојузи, што го прави еден од најголемите сојузи во земјата и најголемата младинска чадор организација“, велат од НМСМ:
На Собранието е усвоен и нов годишен план за работа на Советот, се дискусираше за градење на позиции и предлози за унапредување на позицијата на младите во поглед на младинската информираност, образованието и вработувањето, информираат оттаму. Делегатите дискутирале и за пристапот кон активната кандидатура за пристапување на НМСМ во претставничката организација за млади на ниво на Европа – Европскиот младински форум.