Јавната установа Национален парк „Галичица“ (ЈУНПГ) вчера преку нивната Фејсбук страница соопшти дека ќе подготви дата база со илегални објекти на целата територија на националниот парк.
Оттаму соопштија дека минатата година започнале соработка со Шпанската амбасада во земјава која им донирала персонален компјутер со високи перформанси и софтвер за креирање на ортофотомозаични карти, па така, додаваат дека сакаат добиената донација да ја искористат за подготовка на сеопфатна дата база.
„Во план е да бидат опфатени околу 1000 хектари на урбани делови во паркот кои ќе бидат сликани со дрон. Потоа со помош на софтвер истите ќе бидат составени во карти со висока резолуција. Во програмот QGIS ќе се врши анализа и идентификација на сите илегални објекти во паркот. Подготвената дата база и креираните мапи ќе бидат проследени до сите релевантни институции во земјата. Во оваа прилика, јавно се заблагодаруваме на Шпанската амбасада во Р. С. Македонија и сме убедени дека ова е само почеток на нашата плодна соработка“, велат од ЈУНПГ.