Огромно нацистичко знаме предизвика збунетост и вонземиреност во францускиот град Ница, пред снимање на филм за Втората светска војна. Црвеното знаме, со свастика прикажана на него, висеше на општинската зграда додека траеа подготовките за снимањето.
Локалните медиуми јавија дека подигнувањето на знамето на зградата Palais de la Prefecture предизвикало гнев кај жителите.
„Луѓето почнаа да викаат, беа навистина вознемирени. Никој не објаснуваше што се случува. Сцената беше надреална“, изјави туристот Andrew Gentry, кој се нашол пред зградата во тој момент.
Меѓутоа, покрај паника, подигнатото нацистичко знаме поттикнало и желба за фотографирање. Туристите почнале да се фотографираат пред знамето, кое ќе биде искористено во филмската адаптација на мемоарите на францускиот автор Joseph Joffo во кои раскажува за растењето за време на Холокаустот.
Palais de la Prefecture ја бранеле својата одлука знамето да биде закачено, нагласувајќи дека локалната заедница била веќе информирана за плановите. Во соопштението се вели дека претходно ја контактирале еврејската заедница во Ница, додавајќи дека е должност да се запамети нацистичкиот режим.
Оваа зграда била хотел за време на германската окупација во 1943 година. Германскиот капетан Алојз Брунер, еден од најбараните злосторници од Втората светска војна го претворил хотелот во штаб, откако Италија потпиша безусловно примирје со сојузниците.