Преку 1.000 луѓе синоќа присуствуваа на големото отворање на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ („No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“) во Виена со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ).
Од МСУ велат дека галерискиот простор на Кунстхале бил претесен да ги собере сите кои трпеливо чекале да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на Музејот на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
„На 1000 метри квадратни, импозантните 94 избрани дела од солидарната колекција на МСУ во симбиоза со 50-те дела од шестмината современи уметници, делуваат импресивно во просторот. Во изложбениот проект, вклучена е и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, кои наедно одржаа и предавање вчера пред виенската публика“, објаснуваат од МСУ.
На официјалното отворање на изложбата се обратија двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ, Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина, а на изложбата во Виена пристигна и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорот на Европската Унија во С. Македонија Дејвид Гир, голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници од македонската амбасада во Австрија.
„Современите уметници вклучени во изложбениот проект: Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), беа во центарот на вниманието синоќа. Тие направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан (Виена), направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје“, посочуваат од Музејот на современа уметност.
Изложбата ќе биде отворена до 28 јануари, следната година, а според искуствените статистики кои ги има Кунстхале Виена се предвидува да ја погледнат повеќе од 75.000 илјади посетители од целиот свет, додаваат од МСУ.