Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, соопшти дека владата има одлука за трансформација на здравствените работници кои биле вработени во минатото, но со години останале со привремени договори, пренесува новинската агенција Мета.
„Во овој период ќе донесеме само една одлука на владата за трансформација на оние кои биле вработени во здравството во минатите влади и останале со договори за работа, некои дури и со децении. Станува збор за 1500 здравствени работници во Северна Македонија, кои ги држеле во неизвесност за да ги искористат пред избори, не им давале решенија за да ги користат како гласачи,“ изјави Меџити во емисијата Politica на ТВ Глоби.
Тој истакна дека оваа влада не е одговорна за нивното вработување, но е решена да го реши проблемот. Со тоа ќе бидат вработени здравствени работници коишто нема да се разликуваат по националност. Ова би важело за работниците коишто биле вработени од претходните влади, и до сега работеле со привремени договори повеќе од 10 години.
Според него, од 1500 вработени, 800 се Албанци, а решенијата ќе бидат доделувани рамномерно: 50% Албанци и 50% Македонци.
Тој нагласи дека овој процес немало да биде можен доколку се применувал системот на балансирање.