Околу 570 илјади луѓе демонстрираа вчера во Франција, вклучително и 57.000 во Париз, на 11-тиот ден од протестите против пензиските реформи, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата. Вкупно 111 лица се уапсени, а 154 полицајци се повредени во судирите со демонстрантите.
Полицијата во Париз употреби палки, солзавец и шок-бомби за да ја растера толпата демонстранти кои протестираа против пензиските реформи вчеравечер. На плоштадот „Италија“ во центарот на Париз се собра голема толпа луѓе, а полицијата во полна опрема тргна кон демонстрантите кои запалија плински канистри.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин соопшти дека полицијата уапсила вкупно 111 лица, а во судирите со демонстрантите се повредени 154 полицајци. Тој изјави дека само во Париз се приведени 45 лица, а ранети се 77 полицајци.
Бројот на демонстранти е многу помал од претходните протести на 28 март, кога властите избројаа 740.000 демонстранти во Франција, од кои 93.000 во Париз. Инциденти вчера избија и во Париз, Рен, Марсеј.
Во Париз инцидентот се случи пред ресторанот „Ротонд“, каде претседателот Емануел Макрон го прослави влегувањето во вториот круг од претседателските избори во 2017 година. Инциденти пред тој ресторан направи и граѓанското движење „Жолтите елеци“ за време на протестите во 2020 година.
🇫🇷 French protesters set fire to Emmanuel #Macron‘s favourite restaurant on Thursday.
Here’s a rundown of what took place on the eleventh day of protests and strikes against the unpopular pension reform 👇 pic.twitter.com/JsJJjFqElC
— FRANCE 24 English (@France24_en) April 7, 2023
На 20 март, француската влада усвои Закон за пензиските реформи користејќи го уставното право да го заобиколи парламентарното гласање. Следен чекор е изјаснувањето на Уставниот совет кој на 14 април ќе го изнесе својот став за уставноста на законот.
Меѓудругото, реформата предвидува подолг работен век од две години, односно пензија на 64, наместо на 62 години, на што се противат граѓаните.
Нови протести се закажани за на 13 април.