Рекордни 185 тони отпад собраа учесниците во досега најголемата акција за чистење во земјата – „Генералка викенд 2022“, организирана од „Мен енд маунтин“ заедно со Пивара Скопје и Пакомак, поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Еко-акцијата се спроведе од 6 до 8 мај во 26 општини ширум земјата, а во неа учестваа над 8.000 волонтери, што е за 8 пати повеќе од минатата година, што воедно ја прави и една од најмасовните еколошки акции кои досега биле спроведени во Македонија. Според резултатите секој волонтер собрал по 25 килограми.
Според министерот Насер Нуредини, акцијата ја покажува важноста на секој од чинители во процесот на постапување со отпадот и има двојна улога – се развива свеста за правилно одложување, се развиваат позитивните навики за селектирање и се развива потребата за одржување на чиста животна средина.
„Но, исто така, со трансформација на одредена количина на собраниот отпад во дрвни насади што ќе се засадат на одбрани локации отпадот се претвара зелена гора или парк кој е видлив бенефит за сите. Ова е одличен пример како со иновативен пристап, креативност и волја да се рециклира ѓубрето од минатото, може да се гради зелена иднина“, истакна Нуредини на денешното соопштување на резултатите од акцијата.
Горан Сладиќ, генералниот директор на Пивара Скопје рече дека со акцијата се отвора можност да придонес за пошумување и да даде напор за намалување на емисии на јаглерод диоксид, што е во согласност со глобална цел за нето нула емисии до 2040 година.
„Второто значајно достигнување е големиот број волонтери кои решија да го посветат своето време и лично да придонесат во оваа иницијатива“, изјави Сладиќ.
Целокупната неопходна инфраструктура за собирање, селекција и соодветен третман на отпадот ја обезбеди Пакомак. Од таму посочија дека од нашето искуство досега, 90% од оние кои учествувале во вакви акции собирајќи несовесно фрлен отпад од несовесните сограѓани, никогаш повеќе не фрлаат отпад вон кантите или контејнерите.
„Уште повеќе, тие стануваат промотори за чиста природа и животна средина. Со акцијата минатата недела, земјава доби промотори и потврдени екологисти, кои успеаа да соберат огромна количина различен отпад. Замислете дека денес, камионите со отпад од Тетово и Битола да го истурат целиот собран смет од градот во природа… тоа е отпрлика собраната количина отпад со оваа акција,отпад собран од нашите полиња, шуми и реки.. Ние како Пакомак, дел од овој отпад што се рециклира ќе го однесеме на понатамошна обработка во нови суровини, но за жал поголемиот дел ќе биде само прописно депониран. Селекцијата на отпад од дома и одлагање во одделни контејнери иканти, се уште е најдобар опција“, изјави извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски.
Инаку, еко-акцијата „Генералка Викенд 2022“ е планирано да се повторува секоја година сѐ до 2031, со цел да се исчисти целата земја од отпад и да се имплементира одржлив систем за селектирање и менаџирање на отпад.
„Покажавме дека до 2031 година, до 40-та годишнина од независноста на земјата, заедно можеме да ја оствариме целта која си ја поставивме, а тоа е да ја исчистиме нашата земја од отпад. Сакаме да направиме сите луѓе повторно да се гордеат со својата земја и да останеме запаметени како генерацијата што ја врати надежта и љубовта во земјата на сонцето“, велат претставниците на „Мен енд маунтин“.
Заедно со Министерството за земјоделство наесен за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат за време на „Генералка викенд“, ќе биде посадено по едно дрво во шумските насади наречени „Сончева гора“.
Бојан Шашевски