Повеќе од 20.000 луѓе низ Западна Европа ова лето починале во летниот топлотен бран, со температури кои би биле невозможно да се достигнат без климатските промени, покажуваат статистичките податоци за бројот на прекумерна смртност.
Анализата на овие бројки покажува дека постои голема разлика во бројот на починати ова лето во споредба со бројките кои би биле очекувани базирани на историските трендови, а тоа според научниците ја открива заканата од глобалното загревање предизвикано од климатската криза.
За време на летните топлотни бранови температурите надминаа 40 степени целзиусови во Лондон, 42 степени во југозападна Франција, додека делови од Шпанија забележаа рекорди од 44 степени целзиусови.
Во Франција статистичарите забележале 10.420 прекумерни смртни случаи, од кои една четвртина се случиле за време на трите интензивни топлотни бранови кои ја погодија земјата. Прекумерните смртни случаи биле за 20% повисоки во регионите каде имало предупредувања за екстремно високи температури.
Во Англија и Велс помеѓу 1 јуни и 7 септември биле регистрирани 3.271 прекумерни смртни случаи, додека во Шпанија помеѓу јуни и август биле забележани 4.655 починати чија причина за смрт се припишува на екстремните жештини.
Податоците за Германија покажуваат дека околу 4.500 луѓе починале во земјата за време на летните месеци специфично поради екстремните температури.
„Топлотните бранови се една од најголемите закани на климатските промени. Високите температури се одговорни за илјадници смртни случаи низ светот секоја година, а најголем дел од нив поминуваат незабележително. И покрај огромниот број докази и понатаму има мала јавна свест за опасноста која екстремните температури ја имаат врз човечкото здравје“, објаснува д-р Фредерике Ото, професорка за климатска наука на Кралскиот колеџ во Лондон.
Според Европскиот систем за набљудување на планетата Земја „Коперникус“, летото 2022 година било најтопло досега откако се прават редовни мерења на температурата.