21 култни европски центри/сали, поврзани преку иницијативата Liveurope, ги здружуваат силите за да ја изразат својата загриженост за случувањата во Младинскиот културен центар (МКЦ), односно, како што велат, за незаконското назначување на новиот директор и сериозното намалување на буџетот со кој се соочува Центарот.
МКЦ во 2021 стана дел од европското друштво на Liveurope, па сега сите членки солидарно се потпишуваат на повикот, потенцирајќи дека Јавната културна установа МКЦ е под надлежност на Град Скопје и, како таква, нејзиниот директор треба да биде избран од градоначалникот преку јавен повик.
„Според законот, генералниот директор на МКЦ треба да исполнува одреден број услови, меѓу кои стекнато високо образование и минимум петгодишно искуство во културата. Во случајот пред да се избере нов директор на МКЦ, градоначалникот треба да назначи в.д. (вршител на должноста) директор од редот на вработените од институцијата“, посочуваат од здружената иницијатива.
Од Liveurope потсетуваат дека во јануари не беше продолжен мандатот на Ванчо Богоев, а беше поставен нов в.д. Никола Алексов, дипломиран детектив, примен преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција.
„Вреди да се нагласи дека на овој процес на назначување му недостига транспарентност, бидејќи ова ново лице стана времено вработено во МКЦ само пет дена пред да биде назначен на оваа нова функција и се чини дека не покажува претходно искуство во културниот сектор. До ден денес не е објавен јавен повик за избор на нов директор на МКЦ“, се вели во дописот.
Згора на ова, посочуваат културните сали, буџетот на МКЦ – кој исто така го издвојува Град Скопје – е сериозно скратен во 2023 во споредба со претходните години.
„Со вкупно издвоени 106.000 евра во 2023 година, буџетот на МКЦ е намален за 53,5% во однос на буџетот за 2022 година и за 74% во однос на буџетот за 2019 година. Овој постојан и експоненцијален надолен тренд кон намалување на големината на буџетот на МКЦ претставува значително назадување за непречено функционирање на местото, кое во голема мера се потпира на овој буџет за финансирање на својата уметничка програма и активности“, стои во дописот.
Оттука, членките на Liveurope заедно застануваат во осуда против овие дејствија, кои, како што велат, го загрозуваат правилното функционирање на оваа култна локација.
„Првично основана пред 50 години, МКЦ е витална институција за младите, препознаена и од претседателката (на Европската Комисија) Урсула фон Дер Лејен за време на нејзината официјална посета на Северна Македонија во 2021 година. Мрежата Liveurope избра да работи со МКЦ не само поради нејзината репутација, туку и поради тоа што е една од темелите на културната различност во Скопје и воопшто во балканскиот регион. Поопшто, целиот тим што ја води оваа организација секогаш покажувал високо ниво на посветеност и професионализам од почетокот на нашата меѓународна соработка и тоа продолжува да го прави и понатаму.
Оттука, го повикуваат Совет на Град Скопје, како и градоначалничката Данела Арсовска да обезбедат соодветни услови за работа на МКЦ и да овозможат да продолжи со својата суштинска работа.
„Вешт и искусен генерален директор, назначен по соодветна изборна процедура, како и целосниот буџет се од суштинско значење за одржување на нивото на квалитет и угледот на МКЦ. Би било голема загуба за македонските заедници доколку местото не добие соодветни услови за одржување на своите активности. Нивната културна улога не е само суштинска за различноста на локалната музичка сцена, туку и за она што го правиме на европско ниво. Тие се вистински пример за тоа како културата може да не’ зближи на европско ниво“, пишува во заедничкиот допис.
Во писмото се потпишани „А38“ од Будимпешта, „Ancienne Belgique“ од Брисел, „Blå“ од Осло, „Debaser“ од Стокхолм, „FZW“ од Дортмунд, „Kino Šiška“ од Љубљана, „L’Aéronef“ од Лил, „Melkweg“ од Амстердам, „Močvara“ од Загреб, „Musicbox“ од Лисабон, „Nová Cvernovka“ од Братислава, „Palác Akropolis“ од Прага, „Posthof“ од Линц, „Principal Theater Club“ од Солун, „Rockhal“ од Луксембург, „Sala Apolo“ од Барселона, „Santeria“ од Милан, „Stodoła“ од Варшава, „Sveta“ од Талин, „Vega“ од Копенхаген и „Village Underground“ од Лондон.
Инаку, оформена во 2014 година, Liveurope е платформа под закрила на Европската Унија, дел од платформата „Креативна Европа“, а значи спојка, поврзување на 22 концерни и културни места по региони, високо професионални инфраструктури и сали, со цел размена на добри практики и заеднички млади и нови уметнички откритија. МКЦ влезе во Liveurope во 2021 година. Или како што рече и самиот тим „Влезе во ЕУ пред Македонија да влезе во ЕУ“.
МКЦ лани наполни 50 години. Од Град Скопје за јубилејот ја доби наградата „13 Ноември“ за развој на културата и афирмација на младинското творештво.