Повеќе од дваесетина добитници на Нобеловата награда потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на итно ослободување на политичките затвореници во Белорусија, во време кога белоруските власти започнаа нови акции против оние кои се сомничат за „екстремистички“ активности по обидот на опозицијата да отвори „народни амбасади“ во странство, јавува Радио Слободна Европа.
Отвореното писмо, покренато од активистот Дмитриј Болкунец кое е објавено на неговата веб-страница, го потпишаа добитниците на Нобеловата награда за мир Оскар Аријас Санчез од Костарика, Хозе Рамос-Хорта од Источен Тимор, Дмитриј Муратов од Русија и Олександра Матвијчук од Украина.
Меѓу потписниците се и добитниците на Нобеловата награда за литература Белорусинката Светлана Алексијевич, Јужноафриканецот Џон Максвел Куци и Херта Милер, како и 19 лауреати од областа на физиката, хемијата, медицината и економијата.
„Во последниве децении, Европа не виде хуманитарна катастрофа поврзана со политичка репресија во таков обем по глава на жител како во Белорусија“, се наведува во писмото.
Меѓу затворениците во Белорусија е и Алес Бјаљацки, еден од добитниците на Нобеловата награда за мир во 2022 година.
Отвореното писмо е упатено до владите на сите земји на ЕУ, но конкретно ја повикува Полска, како најголем западен сосед на Белорусија, да го искористи своето влијание со суспендирање на железничките товарни пратки во ЕУ од Белорусија, вклучително и транзитот од Русија и Кина.
Организацијата за човекови права „Весна“ на почетокот на овој месец соопшти дека најмалку 4.690 луѓе биле осудени за политички мотивирани обвиненија од претседателските избори во август 2020 година, на кои Александар Лукашенко доби петти мандат.
По изборите, избија масовни протести на кои 35.000 луѓе беа уапсени, илјадници беа претепани во притвор, а десетици невладини организации и независни медиуми беа затворени.