Обединети граѓански активисти од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места денеска од 17 часот ќе го започнат Маршот за чист воздух – #ЗеленаРеволуција.
Маршот ќе се движи од Министерството за животна средина низ центарот на Скопје до Собрание, па потоа ќе се заврши кај Влада. Со ова, граѓаните се приклучуваат на Глобалниот климатски штрајк.
Здружените еко-активисти бараат исполнување на барањата кои, велат тие, се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја.
„Барањата се остварливи, конкретни со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Не прифаќаме одговори дека ЌЕ или се работи, дека е долготраен процес, најмалку дека треба да имаме разбирање зошто процесот е комплексен, тоа го знаеме – затоа и го разделивме на конкретни активности и барања во секоја област“, објаснуваат активистите за своите барања:
Според здружените организации и иницијативи, несфатливо е одолговлекување на конкретни активности како носење на закони кои стојат готови и чекаат одлука, некои и по 5 години, како Законот за почва на пример.
„Несфатливо е кочење на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот, несфатливо е неспроведување на актуелни закони од една или друга институција или причина“, велат активистите.
Исто така, според нив е несфатлива инертноста кога се во прашање се 3.500 животи на сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања.
[Видео] Јасно и Гласно: Зелена револуција – активизам за воздух
„Затоа бараме исполнување на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби“, се вели во соопштението.
Активистите потенцираат дека маршот е граѓански, мирен, натпартиски и мултикултурен. Се оградуваат од секакви политички влијанија, велат дека секој е добредојден, но без партиски обележја. Објавија и правила за однесување на мирен протест:
„Оваa заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кое ова го бараме, за нашата иднина!“, потенцираат активистите.
Здружени граѓански организации и иницијативи: Fridays For Future Skopje, O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Го Сакам Водно, Билка, Levizja Nena dhe Femija / Движење Мајкa и Дете, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla, Група граѓани од Визбегово, Скопје бара чист воздух, Здрава Котлина, Еко Долина, Младите од Иловица и Штука, Е.Д.Е.Н., Охрид SOS, Struganët për Strugën / Стружани за Струга, Шепасти ентузијасти, Дејзи Фемили.
Иницијативи кои ги поддржуваат барањата, но не и бојкотот на избори и граѓанска непослушност: ЕкоКарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, Плоштад Слобода, Здравје пред профит во Центар, Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko, Анима Мунди, Young Friends of the Earth Macedonia и Екоскоп.