Подолг период во Србија се зборува за тоа дека учениците се преоптоварени со училишни обврски, а сега и самите упатија апел до возрасните низ петиција која досега ја потпишаа повеќе од 44.000 деца. Тие бараат училишната недела да трае четири дена и да им се даде повеќе време за игра.
Клиничкиот психолог и психотерапевт Горан Томин за Н1 ТВ посочува дека децата треба да се послушаат, бидејќи колку помалку се слушаат толку повеќе ќе бидат гласни и драстични во своето однесување. Тој додава дека петицијата не треба да се гледа низ аголот дали нивните барања се реалистични или не, туку како крик на учениците кои порачуваат дека не им е добро.
„Петицијата е еден од начините да тоа излезе од децата и јас тоа многу сериозно би го сфатил. Како да не учиме од сопствените лекции од минатото. Како ништо да не учиме од тоа“, предупредува психологот.
Учениците во коментарите на петицијата пишуваат дека им треба повеќе време за други обврски, дека им треба еден дополнителен ден да се опуштат, а два дена да се подготват за училиште, дека се чувствуваат како да живеат во училиштата а дека само ги посетуваат своите домови, а низ пораките може да се забележи и споменување на депресија и суицидни мисли.
„Не сум робот, имам и јас душа“, „Повеќе сме во училиште, отколку дома“, „Пола живот ми помина во училиште“, „Премногу не заморува и немаме време ниту за домашна, а камоли за нешто друго“, се само дел од коментарите на потписниците на петицијата.
Томин вели дека е добро што оваа петиција се случила, бидејќи децата конечно успеале да се организираат и да ги изразат своите чувства. Според него слободното време е важно, бидејќи децата мора да играат.
„Ние можеби не играме, но доколку имаме некое слободно време, време за рефлексија, да го свариме она што ни се случило денес… ако не стигнеме тоа да го направиме и тоа само ни се таложи, ние сме во постојан стрес. Децата тоа го прават низ игра. Тука се случува сешто. Ако тоа не постои и се` е поврзано со обврски детето се губи самото себе. Ние се губиме самите себе“, вели Томин, додавајќи дека поддржува работна недела која би траела четири дена.
Во неговото гостување на Н1 тој порачува да се организира конференција за деца, на кои нема да присуствуваат медиуми, туку министерката за образование и децата, на кои таа ќе одговара на нивните прашања.