Фестивалот на јапонска култура „Сакура“, во организација на Јапан@мк, ќе се одржи во сабота (1 јуни) во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со почеток во 11 часот и ќе брои повеќе од 45 активности и над 200 учесници, домашни и гости од Јапонија. Програмата вклучува наградни гејминг натпревари, музички и балет настапи, изложби, мода, боречки вештини, аниме квиз, косплеј забава, тетовирање во живо, презентации, панел-дискусии, работилници, базар, јапонска храна…
„Нашата мисија е унапредување на културата во нашата земја преку претставување на наши таленти кои се стремат кон задоволување на високите јапонски критериуми и се инспирирани од јапонскиот дух“, истакнува Билјана Кочоска, основач на организацијата Јапан@мк.
За гејмерите и љубителите на гејминг игрите ќе се одржат натпреварите во „Tekken 8“, и „Mario Kart 8“. Првите три места во фајтерската игра „Tekken 8“ ќе освојат парични награди од 150, 100 и 50 евра, а турнирот ќе го води Фиџи заедно со Ана-Марија Глигорова. Победникот во тркачката игра „Mario Kart 8“ ќе добие прочистувач за воздух „Daikin“ и награди од „Литература“, а заинтересираните сѐ уште можат да се пријават на linktree или веб сајтот Јапан@мк.
Натпревар ќе има и во јапонската игра со карти „Yu-Gi-Oh“, раководен од Тодорче Петрушевски – Тод, но и во македонската борд игра „Small samurai empires“ произведена од „Аркона“ чие пријавување ќе биде на самиот фестивал.
Исто така, на „Сакура“ сите аниме фанови и вибови ќе можат да бидат наградени за својата опсесија.
„Подготвивме прашања кои само оние на кои времето поминато во гледање на MyAnimeList им се мери во недели и месеци, ќе можат да ги одговорат, а при тоа ќе бидат крунисани за кралеви на виб културата. Дојдете и покажете го своето знаење на лице место“, порачуваат од Јапан@мк.
Оттаму велат дека јапонски фестивал не би бил јапонски без косплеј, па ги повикуваат и сите љубители на оваа уникатна вештина на претворање во сосема друг лик да го подготват омилениот костим и да го посетат фестивалот. Претставувањето нема да биде од натпреварувачки карактер, но ќе има подароци за највпечатливите. Бројот на пријавени е неограничен, а пријавата е достапна на истите линкови.
Додека пак, духот и дисциплината на Јапонија преку традиционалните боречки вештини на фестивалот ќе ги донесат македонската аикидо федерација „Аикикаи“, Кендо-иадо федерација на Македонија, Џудо федерација на Македонија, јапонската карате-до федерација „ЈКА Македонија“ и спортска чамбара клуб „Тен гун“.
View this post on Instagram
Во меѓувреме, музичарите Горазд Наневски, Димитар Додовски, Емир Јашаров, Дуња Иванова и Лука Јанкулоски ќе се претстават со концертни настапи инспирирани од јапонската музика, а современата танчерка Јована Зајкова со перформанс инспириран од буто – форма на јапонски танцов театар.
Дополнително, свои изложби ќе имаат уметниците Ертунч Сали, Ирена Паскали, Ана Јовановска, Иван Блажев, Атанас Ботев, Стефан Анчевски, Андреј Митевски и Александра Петрушевска Ристовска, а со дигитално цртање на манга ликови во живо ќе се претстави Тања Вукобрат. Ќе бидат изложени и делата на 11 уметници пријавени на повикот од организацијата на тема „Природа и одржлива иднина инспирирана од Јапонија“.
Додека пак, Партизанска Штампа во живо ќе го печати логото на фестивалот на текстил.
„Понесете си парче облека, маичка, пантолони или торбичка и понесете си со себе парче спомен“, препорачуваат организаторите.
Македонското бонсаи здружение и „Бонсаи“ клуб Скопје ќе имаат мала изложба на бонсаи дрва, но и колекционерскиот клуб на автичики, односно колички во мал размер 1/64, „Die-cast“ од Куманово ќе претстави дел од колекциите.
Меѓудругото, на „Сакура“ двајца тату артисти од студиото за тетовирање „Nameless“ во Скопје ќе тетовираат во живо. Тие ќе имаат спремено нивни дизајни инспирирани од јапонската култура, но ќе може да реализираат и некоја идеја на посетителите.
Уметноста во јапонската мода преку своите креации ќе ја презентираат македонските дизајнери Ивана Секулоска – Factory girl, Дејан Сидор – Сидор, Катерина Димитровска – Luna Aditeya и Силвија Михајловска – Алшар, кои црпат инспирација од оваа култура.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат и панел дискусиите со маркетинг експертката Јуко Сагакучи на тема „Јапонското секојдневие во хармонија со природата“, професорот по јапонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје Атсуши Кобајаши на тема „Односот помеѓу јапонскиот јазик и природата“, како и „Природата во филмовите на Мијазаки“ со писателката, сценаристка и уредничка Билјана Црвенковска.
Понатаму, ќе може да се погледне и филмот на професорот на Факултетот за шумарки науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Кирил Сотировски, во кој се претставени неколку од најпознатите паркови во Јапонија и се објаснуваат нивните најважни аспекти. Од друга страна, професорката на Институтот за етнологија и антропологија Илина Јакимовска ќе се претстави со презентација за културата на пиење чај, а професорката по јапонски јазик Чие Нагашима која живее и работи во Скопје, ќе ја претстави разликата во машкиот и женскиот говор во јапонскиот јазик, со помош на младите актери Ирена Димеска и Мартин Мазнев. Нагашима, исто така, ќе ја претстави јапонската еколошка култура преку презентирање на традиционалниот јапонски начин на завиткување фурошики.
Уметноста зад јапонската архитектура ќе ја презентира тимот на млади архитекти „Puzzle“ со конкурсното решение со кое учествувале на архитектонскиот конкурс „Shinkenchiku“ во Јапонија, а архитектката Ивана Ангелова која докторирала на Универзитетот Меиџи во Токио ќе го претстави урбанизмот во овој град давајќи историски осврт за Едо (старо Токио). Дополнително на ова, професорката на Архитектонскиот факултет во Скопје, Дивна Пенчиќ, ќе го пренесе своето искуство од посетата на Токио и Кјото, како градови со големи контрасти.
За распоредот на активностите и други дополнителни информации посетете го инстаграм профилот на Јапан@мк или нивната веб страна.
Во продолжение, погледнете како беше на ланскиот фестивал на јапонска култура:
View this post on Instagram
Ангела Петкова