Над 50 различни настани меѓу кои концерти, театарски претстави, книжевни и фолклорни настани годинава ќе се случуваат во Крива Паланка по повод манифестацијата „Град на културата за 2024 година“, информираа денес од Министерството за култура.
„Со 3 милиони денари ја поддржуваме Општина Крива Паланка, која ги става во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети за реализација на манифестацијата Град на културата за 2024 година“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција.
Таа потсети и на поддршката што Министерството ја доделува во рамки на Годишната програма за култура и средствата вложени преку Програмата за капитални дотации за општините, за што Крива Паланка добила 800 илјади денари за проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на зградата на НУ Центар за култура, се создаваат услови за системски и континуиран развој на културата во овој град, како и во регионот“.
„Очекувам многубројните настани, покрај промоција на културата, да придонесат за поголема посетеност на градот, афирмација на културното и природното богатство на овој регион, убавините на Осогово, на уникатниот Осоговски манастир, на вредните локалитети, со што создаваме модел на самоодржливост во културата и поддршка на туризмот. Сево ова заедно секако ќе придонесе за економски придобивки на Крива Паланка“, рече министерката за култура.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека е огромна честа што Крива Паланка е Град на културата за 2024 година, во чии рамки Општината, во соработка со Центарот за култура и со Градскиот музеј, креира програма преку која се негуваат традиционалните вредности, се промовира културно-историското богатство на Крива Палнака, се поддржуваат постојните и се иницираат нови манифестации.
„Тимовите за реализација на програмата веќе интензивно работат и се надевам дека со својата посветеност ќе бидеме на висина на задачата Крива Паланка да светне под рефлекторите, претворајќи се во една огромна културна сцена со настани каде што ќе бидат вперени очите на целата македонска јавност и на јавноста од регионот“, рече градоначалникот Митовски.
Програмата започнува на 16 март со манифестацијата на маски и ритуално палење оган „Сусурига 2024“, по што на 23 март е концертот на Каролина Гочева, „Македонско девојче“, а следниот ден е традиционалната етнолошка манифестација „Невестинско поклонение“.