Над 500 дела на 140 студентите на „Скала“ ќе бидат изложени утре во „Јавна соба“

Финалната изложба на студентите на „Скала“ насловена како „Продор“ ќе се одржи утре (6 јули) со почеток во 20 часот во просториите на „Јавна соба“ во Скопје.

Во рамки на изложбата, ќе бидат претставени повеќе од 500 дела на 140 студенти од генерацијата 2023/24 година, илустрации, филмови, графички дизајн-решенија, дизајн на мебел, проекти за ентериерно уредување, модни креации и модни илустрации, фотографии, како и работни процеси, технички цртежи и скици.

„Запознајте ја новата дизајн сцена! Оваа изложба е извонредна можност за нашите студенти да ги претстават своите дела пред пошироката публика, да создадат контакти коишто ќе им бидат од голема корист за нивниот креативен и професионален развој и секако, да го прославиме заедничкиот труд од изминатата година“, вели Ана Секуловска, наставен координатор на „Скала“.

Инаку, „Скала“ е Школа за дизајн и технологија, која 13-та години создава кадри за индустриите на новото време.

„Преку нашата работа, го поттикнуваме креативниот и интелектуалниот потенцијал, како и високите стандарди на
нашите студенти, подготвувајќи ги да станат влијателни креатори и иноватори во своите области“, додаваат од „Скала“.