Минималната синдикална кошничка за декември изнесува 56.522 денари, соопштија вчера од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на прес-конференција.
Пресметката е под претпоставка за семејство од двајца родители и две деца, кои живеат во сопствен стан од околу 60 квадрати. Доколку родителите мора да плаќаат и кирија, износот на кошничката се зголемува на 71.972 денари.
Поделени по ставки, за трошоци за храна и пијалоци од минималната синдикална кошничка отпаѓаат 36.7%, трошоците за образование изнесуваат 12.3%, трошоците за станарина, вода, електрична енергија и греење се 10.4%. Во меѓувреме, 8.6% од сумата отпаѓа за транспорт, 8.5% за облека и обувки, 7.5% за рекреација и култура, додека за ресторани и хотели, трошокот изнесува 6.6%. Нешто под 4.4% од трошоците отпаѓаат на комуникација, 3% за хигиена, 2% за здравје и 1.7% за останати стоки и услуги.
Новата минимална синдикална кошничка има нови 4 ставки за разлика од актуелната, и таа ќе биде основа за пресметка на минималната плата во март следната година.
На прес-конференцијата беше посочено дека методологијата користена за изработка овозможува синдикатот секој месец да прави нова пресметка бидејќи се користени податоци и сајтови кои се ажурираат на дневна база и овозможуваат реална слика.