Под мотото „Лупење идеи“ годинава на 18 август започнува одржувањето на 13. издание на фестивалот на креативен документарен филм, „МакеДокс“.
Годинешната филмска програма содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од натпреварувањето за наградата Етички идеи.
Фестивалот годинава ќе се одржува на четири локации, во Куршумли-ан, плато на Музеј на
Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“. Официјалното отворање ќе биде проследено со проекција на филмот „Сѐ што дише“ (All That Breathc) од режисерот Шаунак Сен, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A
Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага.
Од организацијата информираат дека им пристигнале филмови од сите пет континенти, а земја во фокус е Република Чешка од каде бидат прикажани 8 нови документарни филмови.
„Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата Земја во фокус, оваа
година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот „Рене – затвореник на слободата“ (Rene – The Prisoner of Freedom) на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова, мајката на
тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастерклас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело“, истакнуваат од организацијата на фестивалот.
На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди, како што информираат организаторите членуваат 15 меѓународни професионалци од документарниот свет.
Во рамките на фестивалот покрај филмските проекции ќе се одржат и неколку работилници и дискусии.
Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август. Учесници на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани на
Балканот. Стен Милер ќе води разговор со документаристиката Хелена Тшештикова на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“.
Централно место во индустрискиот сегмент на фестивалот, како што се наведува во соопштението, зазема четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи од 22 до 24 август. Форумот ќе го модерира Хеле Хансен. На првиот ден од форумот, тие ќе се презентираат шемите на финансирање пред учесниците и филмските професионалци. Потоа презентација ќе има и Ивана Мирчевска од Медиа деск мк. Денот ќе заврши со презентација на шесте проекти кои се дел од работилницата за развој со Туе Стен Милер.
Понатаму, во вториот дел односно делот предвиден за презентација на проекти, годинава ќе има
селекција од 11 проекти кои се продуцирани или се снимаат на Балканот.
Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан.
На 21 август ќе биде отворена фото-изложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи и вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.
„По завршувањето на фестивалот, ‘МакеДокс’ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата ‘Зимски МакеДокс’, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на
фестивалите на четири основачи на документарната мрежа ‘Doc Around Europe’“, најавуваат од организацијата.
Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс. Цената за целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан изнесува 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.