Скоро 83% од локалното население кое живее во полошкиот регион смета дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк, додека 86% од граѓаните очекуваат позитивни промени доколку се случи таквиот вид на заштита, покажува последната анкета која ја спроведоа Македонското еколошко друштво (МЕД) и платформата „Пријатели на Шара“. Овој резултат е речиси ист со мислењата собрани од истражувањето направено во 2016 година.
Станува збор за анкета направена во март 2021 година на репрезентативен примерок од 628 испитаници во општините Јегуновце, Боговиње, Теарце, Тетово, Врапчиште и Гостивар, која во рамките на Полошкиот регион опфати 2 урбани средини (Гостивар и Тетово) и 38 рурални средини. Во примерокот опфатени биле и сите поголеми планински села во рамките на предложените граници на идниот национален парк „Шар Планина“, а процентот на население од руралните средини што одговорило позитивно на прашањето ‘дали Шар Планина треба да се прогласи за национален парк?’ изнесува 75%.
„Според двете истражувања од 2016 година и 2021 може да се заклучи дека досегашните кампањи и активности за запознавање на локалното население со процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк имале позитивен ефект. Исто така, резултатите ни покажуваат дека неопходни се активности за едукација во поглед на одржливо користење на природните ресурси од страна на локалното население, како и информации кои јасно ќе ја дефинираат улогата на зоните на идниот национален парк“, изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.
Во споредба со истражувањето од 2016 година забележан е пад во оптимизмот за подобрување на животот доколку Шар Планина стане национален парк. Скоро 20% помалку од граѓаните (од 86% во 2016 на 68% во 2021) сметаат дека би се подобрила живеачката, додека 15% повеќе граѓани сметаат дека ситуацијата ќе остане иста (од 4% во 2016 на 19% во 2021). Според истражувањето, најголем оптимизам дека состојбите ќе се променат искажале испитаниците од Гостивар.
Во однос на ресурсите, локалното население и понатаму има став дека дрвјата и шумите треба поодржливо да се користат на масивот. Половина од испитаниците изјавиле дека најмногу треба да се зачуваат дрвјата, шумата и растенијата, додека овој процент во 2016 година изнесувал 55%.
Повеќе од половина од населението знае дека во идниот парк земјиштето се заштитува/користи по зони.
„Од оние испитаници кои одговориле на прашањето за тоа што е дозволено во зона за одржливо користење (59%), околу 120 испитаници одговориле дека во оваа зона не се дозволени никакви активности. Токму овој податок укажува дека во иднина потребни се поголеми активности во поглед на запознавање на локалното население со дозволените активности во зоната за одржливо користење и зоната за активно управување“, посочуваат од МЕД.
Граѓаните се свесни за туристичкиот потенцијал на Шар Планина и сметаат дека главни типови туризам кои би можеле да ги развиваат се: планински, зимски, рекреативен и спортски. Кон развивање на туристичкиот потенцијал, граѓаните искажале позитивен став во однос на издавање на соби за туристите, за работа како туристички водичи, како и за продажба на млечни производи. Безмалку сите граѓани се согласни со ставот дека на производите произведени од регионот на Шар Планина сакаат да пишува „Еколошки производ од Шар Планина“.
Целото истражување е достапно на следниот ЛИНК.