81% од младите во Босна и Херцеговина на возраст од 15 до 30 години би ја напуштиле земјата уште утре, доколку им се укаже можност, покажува истражувањето на Младинската информативна агенција на БиХ.
Според директорот на агенцијата Златан Куленовиќ, во последите шест години 150.000 млади од Босна и Херцеговина ја напуштиле државата, заминувајќи во земјите од соседството, но и од западна Европа, САД и Австралија. Поразителната статистика уште повеќе ја засилува тоа што во слично истражување од 2004, процентот на младите кои се изјасниле дека сакаат да ја напуштат земјата изнесувал 62.
Според сите досегашни истражувања, главна причина за ваквото расположение кај младите е невработеноста, додека одреден број од испитаниците се изјасниле дека бесперспективноста им ја создава недостатокот од квалитетно образование во Босна и Херцеговина.
Според Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, надвор од државата во моментов живеат околу 1.350.000 луѓе, од кои поголемиот дел се млади. Во однос на бројот на население во земјата (околу 4 милиони), Босна и Херцеговина е една од земјите со најголема имиграција во светот.
Најголем број од младите го продолжуваат образованието во Србија и Хрватска, но и во Словенија, Австрија и Германија.