Членката на руската рок група “Пуси рајот” Надежда Толоконикова, која е осудена поради навреди на верските чувства, е преселена во нова казнена колонија во Сибир, соопшти нејзиниот сопруг Пјотр Версилов.
Толоконикова беше сместена во затворот во централна Русија, но за нејзината локација досега не се знаеше.
Претходно таа се жалеше дека во затворот била изложена на тортура, а сега е преместена во Сибир во регионот Краснојарск, објави нејзиниот сопруг Пјотр Версилов на Твитер.
Кaзнената колонија број 50 во градот Нижњи Ингаж се наоѓа на 300 километри од регионалниот центар на Краснојарск, на трасата на Транс-сибирската железница.
Сопругот на Надежда неодамна за агенцијата АФП изјави дека не слушнал ништо за сопругата од 22 октомври. Според него, раководството на затворот најверојатно сакало да ја казни Толоконикова со забрана за контакти поради нејзините постојани протести против условите во казнениот работен логор.
Затвореничката во септември со штрајк со глад протестираше против условите во логорот, за кои рече дека се рамни на „ропство“. Таа беше пренесена во болница, а по излегувањето оттаму продолжи со штрајкот со глад. На 22 октомври е преместена од логорот каде што досега ја одлежуваше казната, а кој се наоѓа на околу 400 километри оддалеченост од Москва.
Во судскиот процес против членките на групата Пуси Рајот, кој беше остро криткуван од страна на Западот, Толоконикова, заедно со колешките од групата Марија Аљехина и Екатерина Самуцевич, беше осудена на две години работен логор заради „хулиганство“ и „поттикнување верска омраза“, откако во црквата „Христос Спасителот“ во Москва, отпеа „панк молитва“ против рускиот претседател Владимир Путин.
Пресудата на Толокоњикова и Аљохина ја потврди и второстепениот суд на 10. октомври 2012 година, а казната за Самуцевич е претворена во условна и таа беше ослободена во судската постапка.