Невладиниот сектор побара дополнетиот „Блупринт“ за итни демократски реформи, поддржан од 73 граѓански организации, да се вклучи во владиниот „План 3-6-9“. Тие сметаат дека мерките од првата фаза на акцискиот план на Владата се многу помали од она е спроведливо и еднакво приоритетно за првите три месеци.
Најавија дека уште денес ќе го достават документот до надлежните институциите, по што очекуваат состанок со Владата на кој би ги усогласиле агендите.
Првата верзија на „Блупринтот“, кој произлезе како одговор на граѓанскиот сектор на ниската доверба во институциите и квалификацијата на „заробена држава“ во извештајот на Европската Унија, е надграден со уште четири дополнителни области – социјална заштита, култура, здравство и енергетика.
„Се надеваме дека Владата ќе организира состанок на кој ќе се разговара за тоа што го има во нашиот документ, а го нема во „Планот 3-6-9“. Во некои од областите приоритетите и мерките се слични, но има и области во кои недостасуваат многу мерки кои ние сметаме дека се од важност за ревоспоставување на принципите на правната држава“, рече Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Република Македонија.
Соработката, според невладините организации, првично треба да се заснова на објективна проценка на моменталната ситуација во државата, како и на мониторинг и евалуација на реформските процеси, каде би било вклучено и граѓанското општество.
Марко Трошановски, од Институтот за демократија порача дека покрај владата, одговорноста за реформите треба да ја понесат и претставниците од Собранието и вонпарламентарните партии, судската власт, регулаторните тела и граѓанскиот сектор, а за ова да профункционира потребен е систем. Нивниот предлог е консултативно тело на чело со премиерот Зоран Заев, кое ќе се занимава со препораките.
„Телото треба да го предводи премиерот и во него да членуваат претставници од надлежните министерства за реформите, но и претставници на граѓанските организации. Потребно е да се назначат и контакт лица, одговорни во секој од ресорите кои ќе комуницираат и ќе го координираат спроведувањето на реформите. Ние ќе формираме тематски групи во рамки на консултативното тело“, рече Трошановски.
„Блупринтот“ месецов беше надополнет на форум на граѓански организации, експерти и научници, кои ги ревидираа минатогодишните предлози и подготвија втора верзија. На форумот учествуваа 146 лица, од 73 граѓански организации.
Даниел Евросимоски