Основ за спојување на двете концесии за рудникот Иловица е пресудата од Управниот суд од 30 март годинава. Со неа се уважи тужбеното барање на компанијата „Еуромакс“ и оспорената одлука на владата за едностран раскин на Договорот за концесија на локалитетот „с. Иловица“ во Општина Босилово. Вака гласи реакцијата на Министерството за економија во однос на спојувањето на концесиите за рудникот Иловица.
Истовремено, тие посочуваат дека заедно со Владата нема да дадат дозвола за отворање рудник во Иловица без претходна консултација и одобрение од локалното население.
Во соопштението кое следеше по реакцијата на активистите против рудниците дека одлуката за спојување на концесиите е донесена тивко, надлежните посочуваат дека со пресудата, Владата и Министерството за економија се задолжени да постапат и да го применат правното сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд.
Оттаму се децидни дека не била дозволена жалба против оваа пресуда, согласно Законот за управните спорови.
„Имено, во образложението на Пресудата, Управниот суд смета дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање, односно посебна постапка за која надлежниот орган до кого е доставено Барањето-Министерството за економија, согласно правилата на управната постапка е должен да постапува и да донесе соодветен управен акт. Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, Владата на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје. Сакаме да информираме дека со усвојувањето на оваа предлог одлука, Владата ги изврши донесените одлуки на Управниот и Вишиот управен суд и го спроведе членот 61 од Законот за минерални суровини, односно веќе доделените концесии се спојуваат во една целина“, велат од Министерството за економија.
„Согласно тоа, фактичката состојба не се менува, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока истите да преставуваат една целина. Сакаме да информираме дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии“, посочуваат тие.
Истовремено, од Министерството се децидни дека не се доделуваат нови права на концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно, велат дека за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.
„Во однос на постапката за добивање на дозвола за експлоатација, концесионерот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје има доставено барање за дозвола за експлоатација за двете концесии (сега споени), но тие се уште не се комплетни, односно сеуште треба да достават техничка документација и одобренија издадени од други надлежни институции пред кои се веќе започнати постапки“, велат од Министерството.
Дополнително, тие уверуваат дека Владата има слух и разбирање за загриженоста на локалните жители. Па така, децидни се дека Владата и Министерството за економија нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без, како што велат, исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
„Дозвола за експлоатација нема да биде издадена и без предходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е и законски редовна постапка при издавање на решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата. И ова се однесува не само на дозвола за експлоатација во Иловица, туку и за отворање на било кој друг рударски капацитет во Република Северна Македонија. Владата на РСМ, како и сите институции кои што функционираат под нејзина надлежност одлуките ги носат исклучиво согласно законот, позитивни правни регулативи, а во овој случај и согласно со Пресудата на Управниот суд“, додаваат од Министерството за економија.
Ваквиот чекор за спојување на концесиите следеше откако претходно Управниот суд ја уважил тужбата на компанијата „Еуромакс“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, а откако Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување, пренесе „Дома“.
Активистите од иницијативата „Здрава котлина“ обвинија дека владата станала државен непријател во очи на македонската јавност по спојувањето на двете концесии и најавија мобилизација и самоорганизирање на народот, порачувајќи дека никогаш нема да дозволат отворање на рудник.
Споени концесиите за рудникот Иловица – активистите ја обвинија владата за државен непријател