Надворешен прочистувач на воздух на иноваторот Поцков ги неутрализира ПМ-10 честичките

Надворешен прочистувач на загаден воздух со вградени филтри, дело на македонскиот иноватор Ивица Поцков, е поставен на улицата Орце Николов во центарот на Скопје. „Аеро С“ e прв прочистувач од овој тип во Скопје и во регионот, кој е наменет да неутрализира и собира ПМ-10 честички и со тоа да го намали загадувањето на воздухот, пишува агенцијата Мета.

Уредот може да се инсталира во близина на потенцијални загадувачи, на критични точки во урбани средини, како сообраќајници или раскрсници или во близина на болници, училишта, пешачки зони, паркови или градинки. Неговата функција е да ги заробува штетните ПМ-честички и да не дозволи да се шират во околината.

Загадувањето на воздухот стана препознатлива реалност на многу македонски градови, особено во зимските месеци. Причинителите се многубројни, од енергетските постројки, оџаците на индустриските капацитети, издувните гасови, па до начинот на затоплување на домаќинствата со фосилни горива. Градските и општинските власти се на тапет секоја година заради сиромашниот пакет на мерки кои ги нудат и кои реално не допринесуваат за забележлива промена на реалноста. Резултат на тоа се листите на светски најзагадените места, каде нашите градови котираат многу високо.

Сите овие проблеми нема да исчезнат и ќе мора да се решаваат во иднина, вели иноваторот Поцков, но дотогаш неговиот изум може да помогне да се обездбеди малку почист воздух во делови од урбаните средини. Прочистувачот, во зависност од површината која треба да се прочистува или степенот на загадување, може да се постави на најразлични локации и да има различен капацитет бидејќи е модуларен, а неговите перформанси не се ограничени.

„Протокот на воздух на поставениот прочистувач низ комбинираните филтри е до 15.000 м3 на час или во споредба со волумен на едно фудбалско игралиште дневно. Во зависност од типот на загадувач и степенот за загадување, ако се инсталираат соодветен број на Аеро С уреди и на таа зона може да се намали загадувањето од 30 до 70 отсто. Честичките ќе бидат задржани во уредот без разлика дали се работи за раскрсница, пешачка зона или училишта“, вели Поцков.

Фото: Ивица Поцков

Во Скопје има неколку крстосници кои се жешки точки и каде што секојдневно поминуваат над 60.000 возила. Доколку би се инсталирале „Аеро С“ филтри на овие места, Поцков вели дека би можело да се неутрализира ширењето на честичките до 40 отсто. Според податоците од Заводот за статистика, просечна старост на возилата кај нас е 20 години, поголем голем дел се дизел автомобили, од кои голем број се со извадени дпф филтри и катализатори. Од таа причина и првиот надворешен прочистувач е поставен во близина на сообраќајница, на улицата Орце Николов, во центарот на Скопје.

„Инсталираниот уред во центарот на Скопје кој го тестиравме, на точка оддалечена 20 метри од „Аеро С“ прави разлика од 18 отсто подобрување. Овој процент се зголемува доколку е поголем бројот на инсталирани уреди на локацијата или доколку локацијата е со мал проток на воздух поради блиски градби и слично. Значи, со изолирање и заробување на гасовите и штетните ПМ честички од овие жешки точки, концентрацијата значително би се намалила посебно во зимскиот период кога протокот на воздухот е намален заради термичката инверзија“, посочува Поцков.

Фото: Јуроп хаус

Тој вели дека во конструирањето на уредот внимавале и на неговата економска исплатливост, особено за да можат да си го дозволат општини, компании или институции како болници, училишта или градинки. Така, „Аеро С“ може да се користи и за поставување на реклами, па освен еколошка, да има и економска функција и самиот да обезбеди покривање на трошоците за замена на филтрите. Во зависност од типот на загадување, уредот има можност за инсталирање на механички филтер, кој чини околу 300 евра и е поекономична варијанта, но треба да се менува еднаш до два пати годишно или пак, електростатски филтер, што е потрајна и одржлива опција, но неколкупати поскапа.

„Ги земавме и двете опции во предвид и затоа го проектиравме „Аеро С“ да биде во функција и како маркетинг тотем кој може да биде брендиран, односно маркетинг површината да се издава, а средствата би биле наменети за одржување на уредите“, вели Поцков.

Прашината зафатена во филтрите на првиот надворешен прочистувач во Скопје уметникот Драган Божинов ја претвори и во боја, со која креираше слики и направи изложба која се прикажува во сите Europe House точки во земјава.

Мета