Село во западниот дел на Франција нуди награда од 2.000 евра за дешифрирање на натпис на камен стар 230 години.
Досега, никој не успеал да го разбере значењето на натписот од 20 линии, откриен пред неколку години во општината Плугастел.
Покрај буквите од стандардната француска азбука, некои од нив се превртени наопаку, а има и неколку букви во скандинавски стил.
На каменот се испишани и годините 1786 и 1787, години пред Француската револуција. Натписот исто така содржи и фотографија на брод со едра и кормило, како и едно срце означено со крст.
Текстот пркоси на сите обиди за толкување од страна на локалните академици. Некои сметаат дека натписот е на стар баскиски или бретонски јазик, и дека истиот е можеби напишан од страна на некој кој бил полуписмен.
Буквите може да се однесуваат на звуците од зборовите кои тој или таа ги слушале. Во еден дел на натписот стојат буквите „ROC AR B … DRE AR GRIO SE EVELOH AR VIRIONES BAOAVEL“.
Друг дел ги содржи буквите „OBBIIE: BRISBVILAR … FROIK … AL“
Една од теориите е дека натписот има поврзаност со изградба на објекти за одбрана од море, кои се наоѓале во близина.
„Запрашавме локални историчари и археолози, но никој не успеа да ја сфати пораката на натписот. Па затоа мислевме дека можеби има некој во светот кој е стручен за вакво нешто. Наместо да игнорираме, си рековме ајде да започнеме натпревар“, изјави Доминик Кап, градоначалник на општината Плугастел.
Јазичарите и археолозите треба да се регистрираат во локалната администрација и потоа ќе ги добијат фотографиите на натписот. Стотици луѓе изразиле интерес и веќе се пријавиле. Најверодостојното толкување на мистеријата ќе се избере во ноември.