Најавен нов протестен марш за правда за убиениот Никола Христовски – Кољо

Иницијативата „Правда за сите“ најави нов, трет, протестен марш со кој ќе побараа правда за убиениот 17-годишник Никола Христовски – Кољо.

Маршот е закажан за 19 часот, со почеток во Аеродром, па до Кривичниот суд, каде ќе бидат претставени конкретни барања и предлози за решавање на случајот, за преквалификација на пресудата.

Рута на маршот

„Во понеделник, ќе упатиме последна опомена до надлежните институции и до целиот систем дека доколку нашите барања не бидат остварени, ќе бидат преземени посериозни чекори. Уште многу пати ќе повториме дека ова движење нема да згасне. Нашата борба ќе ја водиме ДО КРАЈ, ќе маршираме, протестираме и ќе ве газиме се додека правдата не биде конечно задоволена“, стои во најавата за маршот.

Групата досега одржа два протести, изразувајќи револт против затворската казна од три години, која ја доби убиецот на младиот Христовски, а која според нив е премала. Од Кривичниот суд по минатонеделниот протест соопштија дека за кривичното дело „убиство во миг“, за што беше обвинет 18-годишниот сторител на убиството, според законот е предвидена казна од 1 до 5 години.

„Институциите се очигледно глуви и слепи на нашите барања, несвесни за нашата решителност во оваа борба. Несвесни дека нема да молчиме пред неправедната и нарачаната пресуда. Несвесни дека НЕМА ДА СМЕ МИРНИ додека живееме во систем кој поттикнува улични убиства, а убијците поминуваат неказнето“, велат од „Правда за сите“ во својата најава за маршот.