На 19 мај, Министерот за здравство Венко Филипче најави дека веќе од идната недела ќе започнат да се издаваат дигитални „ковид-прописници“ со кои граѓаните ќе имаат електронска потврда дека примиле вакцина, направиле тест за коронавирусот или пак дека го прележале вирусот за непречено да патуваат во европските држави.
„Ние следната недела ќе го издадеме и таканаречениот „грин-пас“, тоа ќе биде оној електронски QR код преку кој ќе има податоци и за вакцината, ПЦР тест и евентуално за антитела. И доколку во некоја европска земја се бара било кој од овие параметри, патникот да може да ги има со себе“, изјави Филипче.
Но, денес, министерот за здравство одговарајќи на новинарско прашање изјави дека подготовката на зелените КОВИД пасоши е во застој поради технички проблеми, иако во првичната најава тие требаше да се издаваат кон крајот на минатиот месец.
„Ковид пасошите се во финална фаза на подготовка, се соочиле луѓето што го изработуваат со некои технички предизвици во однос на комуникацијата со сите лаборатории, Институтот, за да се добијат сите технички потребни податоци за да може да се апдејтираат тие QR кодови, така верувам ќе биде тоа готово деновиве“, изјави денес министерот Филипче.
Докторката Лидија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружението на приватните матични доктори, вели дека не ги имаат добиено информациите околу издавањето на зелените КОВИД пасоши.
„Сертификати за вакцинација веќе неколку недели издаваме, но немаме информации за најавените зелени пасоши. Слушнав дека се најавува нешто, но немаме информации. Се трча со изјави, па ние матичните лекари се наоѓаме затечени кога пациентите доаѓаат и бараат да им издадеме нешто. Засега немаме добиено информации ниту од Министерството за здравство, ниту од „Мој Термин“, вели Чолакова-Дервишова за Радио МОФ.
И од Националната платформа „Мој Термин“ велат дека сè уште ги немаат основните информации за тоа како ќе функционира зелениот КОВИД пасош и дека очекуваат информациите да пристигнат за неколку дена.
Во првичните најави за зелените КОВИД пасоши, министерот најави дека сертификатот кој ќе го издаваат властите е усогласен со критериумите на европскиот зелен пасош, односно дека домашната апликација ќе биде многу слична со европската.
И.С.