Најголемата санта мраз во светот, наречена А23а, се движи за првпат по 30 години во кои беше закачена за океанското дно, пренесува Би-Би-Си.
Сантата се оддели од брегот на Антарктик во 1986 година, но се вземји во Веделовото Море, со што практично стана остров од мраз.
А23а има површина од 4.000 километри квадратни, што е речиси двојно поголема површина од Лондон со предградијата, додека мразот е дебел околу 400 метри. Сега сантата ќе излезе од водите на Антарктикот.
„Се обратив до неколку колеги за ова, прашувајќи се дали можеби промените на површинските температури на водата го испровоцирале ова придвижување, но консензусот е дека на сантата ѝ било дојдено времето за тоа“, вели д-р Ендру Флеминг, експерт од Британската агенција за истражување на Антарктикот.
„Сантата беше приземјена од 1986 година, но евентуално толку ќе се намали во големина што ќе го изгуби триењето со дното и ќе започне да се движи. Првите придвижувања ги имам забележано уште во 2020 година“, додава Флеминг.
Научниците велат дека будно ќе го следат движењето на А23а. Доколку се приземји кај островот Јужна Џорџија, таа може да направи проблеми на милиони фоки, пингвини и други морски птици кои се размножуваат на островот. Големата дебелина на мразот може да ги наруши вообичаените рути за наоѓање храна на животните со што би се попречило нормалното хранење на младенчињата.
Сепак би било погрешно овие санти мраз да се гледаат само како објекти на опасност, бидејќи постои се` поголемо признавање на нивната важност за пошироката животна средина. Како што овие големи санти се топат, тие ослободуваат прашина од минерали кои се наоѓале во мразот кога тие биле дел од глечерите на Анктрактичкиот гребен. Оваа прашина е извор на хранливи материи за организмите кои се дел од синџирот на исхрана во океанот.
„На многу начини овие санти мраз даваат живот – тие се изворна точка на многу биолошки активности“, вели д-р Кетрин Вокер, од Океанографската институција „Вудс Хол“.