И земјава се вклучува во одбележувањето на Најголемиот час на светот 2019, пионерска иницијатива со која на децата и на нивните наставници им се овозможуваат ресурси за да се запознаат и да преземат акција во врска со Целите за одржлив развој со кои се потпомага изградбата на попросперитетен, поправеден и поодржлив свет за сите.
Затоа, Министерството за образование и наука во соработка УНИЦЕФ и Европската Унија ги поканува сите наставници и ученици во земјава да учествуваат во него.
Надградувајќи се врз 30-годишнината од Конвенцијата за правата на детето, оваа година Најголемиот час на светот ги поканува учениците да замислат иден свет во кој сите детски права се остварени и е обезбедена одржлива иднина. Ресурсите вклучуваат готов план за час и упатство за наставникот во врска со наставата за правата на децата, достапни на македонски и на албански.
„Ги поттикнуваме сите училишта да се вклучат и да го одржат часот во неделите од 21 до 31 октомври 2019 година. Планот за часот опфаќа 60 минути и може да се организира во два школски часа давајќи им на децата доволно време да ги изработат своите перспективи за „Иднината на детството“ преку пишување новинарски статии, песни, цртежи/слики, рап-песни, креативни состави или со помош на друг медиум – за сопствената визија за иднината на детството“, велат од МОН.
На 20 ноември 2019, организаторите во земјава ќе го поддржат настанот „За децата, од децата“, при што во соработка со Кабинетот на претседателот на Владата, децата ќе ја преземат улогата на возрасни. Тоа ќе биде ден за акција за подигање на свеста и застапување за најитните прашања со кои се соочуваат децата.
„Им даваме можност на сите ученици да бидат дел од овој настан и ги покануваме училиштата да ги споделат ученичките изработки од Најголемиот час (новинарски написи, песни, цртежи/слики, рап-песни, креативни состави). Најдобрите десет (10) изработки ќе бидат претставени на изложба, а учениците и наставникот ќе бидат поканети да се приклучат и да земат учество“, додаваат од МОН.
Ученичките изработки треба да се достават со помош на онлајн-формуларот кој се наоѓа на www.wll.mk најдоцна до 5 ноември 2019.