Повеќе од 20 филмски фестивали ширум светот се здружија да стримаат бесплатни филмови преку „Јутјуб“ откако пандемијата ги затвори кино салите и се откажаа традиционалните проекции во Кан и Њујорк, објави Гардијан.
„Ние сме едно: Глобален филмски фестивал“ од 29 мај ќе вклучи содржини курирани од фестивали како Берлин, Кан, Санденс, Торонто, Трибека, Венеција…
На фестивалот ќе бидат прикажани филмови, документарци, музика, комични содржини и дискусии. Засега, не се објавени детали за програмата, па малку е веројатно дека ќе бидат вклучени главните нови филмови кои генерално ги започнуваат филмските фестивали.
Откажувањето на фестивалот во Кан во мај, но и неизвесноста за фестивалите во Венеција и Торонто во септември, ги „ограбија“ креаторите на филмови и филмските студија од можноста да ги промовираат своите нови изданија за медиумите и јавноста.
Организаторите на фестивалот во Кан изјавија дека се горди да се приклучат на настанот на „Јутјуб“, со цел „да се забележат вистински извонредни филмови и таленти, дозволувајќи и на публиката исторемено да ги доживее нијансите на раскажување приказни од целиот свет и уметничките белези на фестивалите“.
Џејн Розентал, ко-основач на откажаниот фестивал Трибека во Њујорк, рече дека идејата е да се инспирираат и обединат луѓето преку границите за време на пандемијата. „На целиот свет му треба лекување“, рече Розентал.
Други фестивали што учествуваат се оние од Ерусалим, Мумбаи, Сараево, Сиднеј, Токио и Лондон.
Додека фестивалот се одвива бесплатно, од гледачите ќе биде побарано да донираат до Солидарниот фонд за „Ковид-19“ на Светската здравствена организација.