Ситуацијата во главниот град на Украина и другите поголеми градови драстично се влоши по најголемиот ракетен напад врз електричната мрежа на земјата во вторникот, пишува Евроњуз.
Украинскиот енергетски државен оператор „Укренерго“ соопшти дека 40% од Украинците се соочуваат со потешкотии поради оштетување на најмалку 15 големи енергетски центри низ целата земја.
Предупредувајќи дека прекинот на електричната енергија може да трае од неколку часа до неколку дена, од „Укренерго“ изјавија дека „издржливоста и храброста се она што ни треба оваа зима“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, исто така, ја истакна потребата да се биде подготвен и отпорен пред потенцијалното замрачување.
Во соопштението на „Укренерго“ се вели дека „илјадници километри клучни високонапонски линии не работат“, што влијае на целата земја.
Оттаму објавија фотографија од трансформаторска станица која беше уништена од руски проектил, оставајќи околу 400.000 луѓе без струја. Според извештајот, „сега има десетици такви трансформатори во електроенергетскиот систем. Оваа опрема не може брзо да се замени“.
Претседателот Володимир Зеленски по минатонеделните напади изјави дека повеќе од 10 милиони Украинци останале без струја, а потоа изјави и дека во некои области е забележано подобрување во состојбата.
Прекини во снабдувањето со електрична енергија беа закажани за во неделата навечер во 15 региони и во градот Киев, рече Зеленски. Од „Укренерго“ пак известија дека закажани прекини ќе има и денеска во секој регион на земјата.
Остриот студен бран и првиот снег значително ја искомплицираа ситуацијата во Киев. Студот ги принуди граѓаните да ги вклучат греалките, што драстично го зголемува оптоварувањето на мрежата и го прави прекинот на струјата подолг.
Со оглед на падот на температурите, властите во Киев објавија дека поставуваат точки за комунално греење. Во градот со 3 милиони жители има 528 пунктови каде жителите можат да се стоплат, да пијат чај, да ги наполнат телефоните и да добијат помош.
Многу жители на Киев почнаа да оставаат кутии со храна, батериски ламби и екстерни батерии во лифтовите, во случај некој да се заглави на подолго време.
Живеењето во високи згради со поглед на главниот град на Украина, разурната од војна, се чувствува како смртна стапица. Нема светла, вода и начин да се готви храна. И нема лифт со кој може да се избега од 21-ви кат во случај на напад.
„Руските удари ја втурнуваат Украина во камено доба. Нашата зграда е највисока во областа и е одлична мета за руските ракети, па затоа го напуштивме станот, за местото на нашите родители и се подготвуваме за најлошата зима во нашите животи“, вели Анастасија Пироженко, жителка на Киев.
Поради недостиг на струја, во прекин е јавниот превоз, а многу мали дуќани не можат да работат.