Најмалку 167 лица загинаа во авионска несреќа утрово кога авионот „Боинг“ 737-800 слетуваше во јужнокорејскиот Меѓународен аеродром Муан, соопшти Националната пожарникарска агенција, а пренесуваат Гардијан и Би-би-си.
Засега се пронајдени само двајца преживеани од вкупно 181 патник кои патувале од Бангкок, Тајланд во авионот управуван од јужнокорејската авиокомпанија „Џеџу ер“.
Сè уште не е позната причината за несреќата, но противпожарните единици на местото на инцидентот сметаат дека најверојатно станува збор за судир со птици при слетувањето, како и лоши временски услови. Претставник од „Џеџу ер“ објави извинување и рече дека ќе се работи на утврдување на причината за несреќата. „Боинг“ за Гардијан изјави дека се отворени да соработуваат со „Џеџу ер“ за да се открие причината за несреќата.
Семејствата на жртвите се собираат во аеродромот. Доколку се потврди бројот на жртви, тогаш ова би била најтешката авионска несреќа во Јужна Кореја. Дополнително, несреќата е првиот значаен инцидент поврзан со нискобуџетна авиокомпанија во државата.
Претседателот на Јужна Кореја Чои Санг Мок, кој ја презеде функцијата пред само два дена, пристигна во аеродромот. Тој мобилизираше преку 1.500 работници од итни служби.