Најмалку 17 лица загинаа во пресметка меѓу приврзаниците на поранешниот претседател и безбедносните сили во југоисточниот дел на Перу, соопштија властите.
Уште десетици луѓе се повредени во градот Хулиака на најголемите немири во земјата откако екс-претседателот Педро Кастиљо беше уапсен минатиот месец поради неговиот обид да го распушти Конгресот, пренесе Би-Би-Си.
Неговите симпатизери оттогаш со недели протестираат и ги блокираат патиштата низ државата. Тие бараат новата претседателка Дина Буларте да ја напушти функцијата и да се распишат вонредни избори.
Премиерот Алберто Отарола ги осуди немирите во Хулиака, опишувајќи ги како организиран напад на полицијата. Тој информираше дека илјадници луѓе се обиделе да го блокираат аеродромот во градот и локалната полициска станица.
Јужноамериканската држава се наоѓа во долгогодишна политичка криза, а последните немири доаѓаат откако Кастиљо прогласи вонредна состојба и се обиде да го распушти Конгресот во декември. Веднаш потоа Конгресот му изгласа недоверба на претседателот и го отстрани од функцијата.
Кастиљо во моментов се наоѓа во притвор и е под истрага за повикување на бунт и заговор против државата. Тој ги отфрла обвиненијата и инсистира дека тој и понатаму е единствениот легитимен претседател на Перу.