Најмалку 17 лица се убиени откако 19-годишник пукал од огнено оружје во кампусот на средно училиште во Паркленд, во американската држава Флорида, соопштила полицијата.
Осомничениот, кој е уапсен, бил поранешен ученик кој бил избркан од училиштето.
Напаѓачот убил три луѓе пред училиштето, пред да влезе во објектот и да убие уште 12, информирал шерифот Скот Израел, додека уште две лица го изгубиле животот подоцна откако биле однесени во болница.
Уште три лица се наоѓаат во критична состојба, а дополнителни тројца се во стабилна состојба, соопштиле здравствените власти за медиумите.
Жртвите се уште се идентификуваат, шерифот објаснил дека помеѓу мртвите се наоѓа и спортски тренер но не биле објавени имињата на загинатите.
По првичните вести за нападот, полициските службеници го опколиле кампусот и воделе акција за евакуација на стотици ученици од местото на пукањето, додека други тинејџери се криеле во шкафовите и под клупите за да бидат на безбедно. Учениците подоцна за новинарите рекле дека најпрвин мислеле дека алармот во училиштето бил вежба за пожар, додека не ги слушнале истрелите од оружје во ходниците.
Ова е најсмртоносниот вооружен напад на училиште од 2012 година, кога во Конектикат беа убиени 26 луѓе.