Над 28.000 евра во периодот околу локалните избори биле уплатени за реклами на Фејсбук, преку страниците на кандидатите за градоначалници и градските страници на партиите или листите од кои доаѓаат, во петте најголеми македонски градови. Според пресметката на Радио МОФ, за Фејсбук реклами поврзани со „социјални прашања, избори или политика“, биле потрошени најмалку 28.689 евра во периодот од 17 септември до 16 октомври годинава.
Во овој период, најмногу средства се потрошени преку страницата на независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски односно 4.892 евра. Веднаш потоа следуваат страниците на кандидатот на СДСМ за Скопје, Петре Шилегов со 4.628 евра и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Битола, Христо Кондовски, со 3.840 евра. Четврта на листата по трошења за ФБ реклами е страницата на кандидатот за Куманово, Тони Михајловски, со 2.613 евра.
Најмалку средства, или 16 евра се потрошени преку страниците за кандидатот за Скопје од движењето Одлучно за промени, Арбен Шаќири и за кандидатот за Тетово на СДСМ, Хамдија Елезовиќ или 95 евра.
Доколку на оваа сума се додадат и средствата потрошени за реклами на главните Фејсбук страници на партиите, сумата расте за дополнителни 22.294 евра.
На оваа листа предничи партијата Левица која потрошила 10.032 евра на реклами на социјалната мрежа, а потоа следуваат СДСМ со 3.817 евра, ВМРО-ДПМНЕ со 3.652 евра и Интегра со 3.171 евро.
Радио МОФ подготви интерактивен инфографик на кој може подетално да се погледнат потрошените средства.
Мартин Колоски