Најмалку 59 луѓе загинаа откако рибарски брод кој превезувал мигранти се превртел и потонал на јужниот брег од Грција утрово, соопштија грчките власти.
Во тек е голема спасувачка акција, а властите велат дека 104 луѓе биле спасени во инцидентот кој се случил на околу 75 километри југозападно од грчкиот регион Пелопонез, пренесува Еуроњуз.
Четири од преживеаните се хоспитализирани со симптоми на хипотермија. Засега е непознато уште колку патници се водат за исчезнати, изјавиле од грчката крајбрежна служба.
Во спасувачката операција учествуваат шест крајбрежни пловила, воен брод, армиски транспортен авион и армиски хеликоптер, како и неколку приватни пловила и дрон на Агенцијата за заштита на границите на Европската Унија, Фронтекс.
Се верува дека бродот кој пренесувал мигранти испловил од регионот Тобрук во источна Либија и се движел кон Италија. Италијанските крајбрежни служби ги предупредиле грчките власти и Фронтекс за ова пловило во вторникот.
Криумчарите на мигранти се` повеќе употребуваат поголеми бродови во меѓународните води покрај грчкото копно со цел да ги избегнат локалните гранични патроли.
Во неделата, 90 мигранти на американска јахта биле спасени во оваа област откако тие испратиле повик дека се во опасност.