Најмалку 35 лица загинаа, а 134 се повредени откако авионски ракети на руската војска погодиле воена база во Украина во близина на полската граница, информираше градоначалникот на Лавов.
Се работи за базата во местото Јаворив, која се наоѓа на само 15-тина километри од полската граница. бомбардирањето се случило во 5:45 часот изутринава.
„Прозорците ми се тресеа, целата куќа се тресеше. Беше темно, а небото го осветлија две експлозии“, вели 27-годишниот Степан Чума, вработен во итните служби кој веднаш се упатил на местото на настанот со своите колеги, пренесе Гардијан.
Оваа база претходно сместувала странски воени тренери од Велика Британија и САД и други држави, но не е познато дали во моментот тие биле во базата. Пред руската инвазија Украина на ова место ги одржувала најголемиот дел од своите воени вежби со НАТО државите, а последните големи вежби се одржаа во септември минатата година.
„Русија го нападна Меѓународниот центар за мир и безбедност во близина на Лавов. Таму работат странски инструктори. Во моментов ги собираме информациите за идентитетот на жртвите“, изјавил министерот за одбрана на Украина, Олекси Резников.
Според градоначалникот на Лавов, Максим Козицки, руската армија упатила повеќе од 30 ракети кон базата „Јаворив“.
Нападот се случил неколку часа откако руските власти предупредија дека конвоите со достава на оружје од западот се „легитимна мета“ на нивни напади.
Од руските државни медиуми овој објект подолго време беше сметан како тајна НАТО база во Украина, а во последниот период имаше и шпекулации дека локацијата се користи за прием на оружје од украинската војска, како и за вежби на странски воени волонтери кои доаѓаат да се борат на страната на украинската војска.
Овој напад се смета дека е досега најблиску до западната украинска граница од почетокот на руската инвазија пред 18 дена.
Претходните ноќи можеа да се слушнат сирените за авионски напади во Лавов, град под заштита од УНЕСКО на 80 километри од границата со Полска, кој важеше за еден од најбезбедните градови каде се упатуваа стотици илјади раселени Украинци.