Во терористички напади на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град на Авганистан, Кабул вчера загинаа 90 луѓе, меѓу кои и 13 американски војници, а најмалку 150 лица се повредени, пренесува „Н1“.
Еден од водачите на талибанците, чиј идентитет не е соопштен, изјави дека загинале 28 талибанци. „Изгубивме повеќе луѓе отколку Американците“, рече тој.
Евакуацијата на луѓето со авиони од Авганистан продолжи и ден по смртоносниот напад. Жителите на Кабул велат дека утрово полетале неколку авиони, а на снимките се гледа дека кај аеродромот и понатаму има илјадници луѓе кои сакаат да ја напуштат земјата поради доаѓањето на талибанските екстремисти на власт.
Соединетите Американски Држави соопштија дека очекуваат нови терористички напади во Кабул пред 31 август.
Евакуација од Авганистан чекаат уште 1.000 Американци и десетици илјади Авганистанци.
Во близина на аеродромот во Кабул, каде што се одвиваат операции за евакуација, вчера одекнаа две експлозии. Нападите беа осудени од многу држави, како и од талибанците.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе трага по сторителите и дека ќе се одмазди. „Нападот го изврши група позната како ИСИС-К“, откри Бајден.
Исто така, тој рече дека добиле дојави во последните неколку недели дека ИСИС-К ќе изврши напад на аеродромот во Кабул, поради што се решени да ја завршат мисијата за евакуација до 31 август.