Најмалку четири луѓе биле убиени, а неколкумина се ранети на вториот ден од анти-владините протести во главниот град на Гвинеја, Конакри.
Протестите избија поради страв дека владеачката воена хунта во земјата, која ја презеде власта во пуч минатиот септември, не дејствува доволно брзо за да се врати цивилната власт.
„ФНДЦ е шокирана и бесна од загубата на човечки животи регистрирани во петокот“, соопштија од Националниот фронт за одбрана на Уставот (ФНДЦ), пренесе Ројтерс.
Жртвите беа пријавени од организациите кои ги мониторираат човековите права, како и од членови на семејството, а неколку луѓе биле ранети од огнено оружје, од кои пет се во критична состојба, додаваат од ФНДЦ.
Властите досега немаат коментирано за протестите, но активистите за Ројтерс изјавиле дека бројот на смртни случаи се точни.
Локалните жители сведочат дека синоќа во неколку квартови на Конакри слушнале пукотници, откако демонстрантите се судриле со безбедносните сили.
Во четвртокот ФНДЦ регистрираа едно убиено лице, неколку ранети и над 100 уапсени демонстранти.
Протестите оваа недела се втор бран на протести против воената хунта последниве месеци. Во јуни беше убиено едно лице на протести поради растот на цените на горивата.
Предводникот на пучот и актуелниот привремен претседател, Мамади Думбуја, предложи 36-месечна транзиција до избори, кои регионалните лидери и опозициски политичари ја отфрлија. По овие критики воената власт забрани било какви јавни демонстрации пред неколку месеци.