Најмалку осум лица се убиени во израелски напади во градот Џенин на Западниот Брег, соопшти Палестинското министерство за здравство, а пренесува Ал-Џазира.
Идентитетот на убиените сè уште не е познат. Дополнително, министерството за здравство соопшти дека најмалку 35 лица се повредени. Оваа вест доаѓа неполна недела по договорот за примирје во Газа.
Израелската армија денес соопшти дека војниците, полицијата и разузнавачките служби започнале „контратерористичка акција“, но не даде дополнителни детали. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека операцијата има за цел „да го искорени тероризмот“ во регионот. Портпаролот на израелската војска изјави дека операцијата е наречена „Железниот ѕид“.
„Израелските сили отворија оган кон цивили и безбедносните сили, што резултираше со повреди на неколку цивили и голем број безбедносни лица, од кои еден е во критична состојба“, изјави портпарлот на безбедносните сили на Палестинската самоуправа.
Во Џенин исто така се наоѓа најголемиот камп за бегалци на Западниот Бре. Минатата недела загинаа најмалку тројца Палестинци во израелски воздушен напад врз кампот.
Во понеделникот, израелските доселеници запалија возила и имот под заштита на израелските сили, а исто така повредија најмалку 21 Палестинец низ Западниот Брег. Израелската војска соопшти дека отворила истрага за инцидентот, во кој, како што рече, учествувале десетици израелски цивили, некои со маски.