Осум ученици и припадник на обезбедувањето се убиени откако ученик пукал во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, Србија, потврди српското Министерство за внатрешни работи.
При нападот повредени се уште шест деца и еден наставник, а Н1 Телевизија пренесува дека една од ранетите ученички се наоѓа на операција и во моментов нејзиниот живот е загрозен.
Напаѓачот е 14-годишен ученик во училиштето, кој упаднал на час по историја и започнал да пука од пиштол во учениците и наставниците околу 8 часот утрово. Малолетникот бил уапсен од полицијата во школскиот двор.
„Ученикот на ова училиште К.К. (2009) кој се сомничи дека го извршил ова злосторство пронајден е и уапсен во училишниот двор. Сите полициски сили се и понатаму на терен и интензивно работат на расветлување на сите факти и околности кои доведоа до овие трагедии“, се наведува во соопштението на полицијата.
Евгенија, ученичка во училиштето, за Б92 сведочеше за страшната атмосфера непосредно по нападот.
„Бев долу, имавме физичко, го чув пукањето, беше непрекинато… Не знаев што се случува, се допишувавме преку пораки, некои деца не се јавуваа и бевме во страв (…) Сите се стуркавме во мала просторија во училиштето, па нe` префрлија во салата за физичко, таму беше безбедно, па потоа излеговме. Прво не се јавив на мајка ми за да не ја вознемирам, но потоа ѝ се јавив дека сум безбедна“, вели ученичката.
Таа била во исто одделение со ученикот кој го изврши нападот утрово.
„Беше тивок, изгледаше фино, имаше добри оценки. Не беше отворен со сите, но не би очекувале дека ќе се случи нешто вакво“, изјавила девојката.
Српските медиуми пренесуваат дека на лице место се наоѓаат возила на итната помош и полицијата. Во моментов насобраните родители не можат да дојдат до своите деца, а околината на училиштето е целосно блокирана.