Најмногу работна сила недостасува во скопскиот регион, а помалку во полошкиот и југозападниот, покажа студија

Најзасегнати од недостигот на работната сила се услужните дејности и продажбата, вклучително сместувачките и угостителските капацитети, градежништвото и производствените дејности, каде што се воочува недостиг од ракувачи на машини. Во последните години се зголемува недостигот и во занимањата со високо ниво на вештини. Најголем недостиг на работна сила е забележан во скопскиот регион, додека помал недостиг има полошкиот и југозападниот регион на земјата. Истовремено, домашниот пазар на труд се карактеризира со висока стапка на долгорочна невработеност, особено кај младите и со прилично изразен родов јаз кај активното население.

Овие наоди ги покажува студијата изготвена од Меѓународната организација на трудот (МОТ) која, како што пишува во соопштението, содржи длабинска анализа на пазарот на трудот во Македонија, како и предлог системски решенија и политики во оваа област. Студијата беше презентирана на денешната Конференција посветена на недостигот на работната сила, која е сѐ позначаен предизвик во земјата.

„Недостигот на работна сила е предизвик со кој се соочуваат сѐ повеќе земји, особено во Европа, а кој не ја одминува ниту Северна Македонија. Додека од една страна се соочуваме со релативно високи стапки на невработеност и неактивност, од друга страна, секојдневно сѐ повеќе работодавачи пријавуваат проблеми со наоѓање и задржување на работната сила и се огласуваат испразнети работни позиции. Оваа студија и анализата на податоците спроведени од страна на МОТ ни овозможува длабински да навлеземе во проблемот и да креираме одржливи политики. Истовремено, тие претставуваат одличен патоказ за пристапот што треба да се применува во решавањето на оваа појава“, истакна Бесар Дурмиши, министер за економија и труд, во своето воведно обраќање на Конференцијата.

Фото: Меѓународната организација на трудот

Како што истакнуваат од МОТ, истражувањето е спроведено врз основа на обемна база на податоци од огласи за работни места и ги анализира главните фактори кои придонесуваат за недостигот на работна сила во различни региони, сектори и занимања, во периодот од 2017 до 2024 година.

„За решавање на предизвикот со недостиг на работници неопходно е целосно разбирање на населението и динамиката на пазарот на трудот, како и вклученост на работодавачите и владините институции кои ги креираат и ги имплементираат политиките во доменот на трудот. Преку социјален дијалог, заснован на докази, националните актери треба да се договорат за соодветна комбинација на политики кои треба да овозможат активација на расположливата домашна работна сила, со посебен фокус на жените со мали деца, младите што не се вработени и вклучени во процес на образование и обука, и лицата со посебни потреби, како и зголемување на продуктивноста преку вложувања во образование, обука и дигитализација. Миграциските политики, исто така, може да имаат улога во привлекувањето квалификувани работници од странство“, изјави Клер Харасти, директорката на МОТ за Централна и Источна Европа.

Фото: Меѓународната организација на трудот

На Конференцијата учествуваа и претставници на работодавачите, синдикатите, академската и бизнис заедницата.