Кинескиот високобуџетен фантастичен филм Асура е повлечен од кината низ земјата по слабиот успех по првите два дена од прикажувањето.
Епскиот филм кој чинел 750 милиони јуани (околу 112 милиони долари) викендов заработил помалку од 50 милиони јуани (7,5 милиони долари). Како што пренесуваат медиумите, продуцентите на филмот планираат да го преработат и да го прикажат повторно.
Асура е инспириран од кинеската митологија и во него играат најпопуларните актери од азиската земја, додека филмот е исполнет со голем број специјални ефекти. Приказната ги следи авантурите на млад овчар кој го штити митското, рајско кралство Асура, нападнато од непријатели.
Доколку филмот не направи поголем успех кога по вторпат ќе биде прикажан, загубите на Асура од преку 100 милиони долари може да бидат еден од најголемите неуспеси во историјата на филмската индустрија.
Кина се очекува дека ќе ги надмине Соединетите Американски Држави како најголем филмски пазар на светот, а планот на Асура бил да покрене голем фантастичен серијал, сличен на Господарот на прстените, или Игра на троновите.
Иако кинеските филмски продукции вообичаено ја немаат пошироката меѓународна гледаност како холивудските филмови, сепак во последните години направени се неколку кинеско-холивудски копродукциски дела. Едно од најголемите беше филмот „Големиот ѕид“, со Мет Дејмон во главната улога, кој чинеше 150 милиони долари но имаше слаб успех во кино-салите.