Најстариот човек на светот, француската калуѓерка Лусил Рандон, која беше позната под името Сестра Андре, почина на 118 години.
Сестра Андре, која беше родена во 1904 година во јужниот дел на Франција, починала во сон во дом за стари лица во Тулон.
Таа живеела низ двете Светски војни и станала калуѓерка во 1944 година. Најголемиот дел од својот живот го посветила на католицизмот.
„Луѓето велат дека работата ве убива. Но, во мојот случај таа ме одржуваше во живот. Работев додека не наполнив 108 години“, изјави Сестра Андре во интервју минатиот април за француската агенција АФП.
Во тоа интервју таа изјави дека ужива во многу задоволства, како чоколадото и пиењето по една чаша вино секој ден.
„Луѓето треба да помагаат меѓусебно и да се сакаат наместо да се мразат. Доколку ги споделуваме овие работи, нештата ќе станат многу подобри“, кажа Сестра Андре во едно од нејзините последни интервјуа.
Таа го држеше рекордот за најстариот човек во Европа подолго време, но влезе во Гинисовата книга на рекорди минатиот април кога дотогашниот најстар човек, Јапонката Кане Танака почина на 119 години.
Ова не е прв пат Сестра Андре да се најде во книгите со рекорди. Во 2021 година стана најстариот човек кој оздравел од Ковид-19.