Младите од ХЕРА за денеска организираат раскажувачка дружба со наслов „Најстрашните приказни за духови“ во „Буква“.
Настанот ќе започне во 18 часот и она што ќе биде поразлично е дека нема да се раскажува за духовите од митовите и приказните, туку за оние од љубовните походи, авантури и за-малку-романси.
„Секако дека зборуваме за ‘ghosting’, или на нашки, ‘гоустање’. Сите ние некогаш сме сретнале, а можеби и сме биле еден ваков дух. Затоа, дојдете да си поприкажеме, да си се исповедаме, да си поплачеме, посмееме и најважно од сѐ, да се дружиме. Па. можеби зборувајќи токму за нашите духови, ќе ги најдеме нашите жаби-принцови, нашите шекспировски љубови, скриени принцези и витези или само нови пријатели-рамена за плачење (а зарем не се тие најголемите љубови)“, се вели во најавата за настанот.
Оние кои не сакаат гласно да ги споделат своите искуства, може да се вклучат така што ќе го направат тоа преку следниот формулар https://forms.gle/41VAuMBDZdPTpXLQ8, а организаторите ќе се обидат најавтентично да ја пренесат приказната.